
Започната со Sex and the City, успешната приказна на Fendi Baguette продолжува и со најновата колекција
Иако создадена пред речиси три децении, легендарната Fendi Baguette и денес го задржува статусот на вистинска модна икона. Италијанската модна куќа годинава го одбележува својот стогодишен јубилеј, а Fendi Baguette е во центарот на вниманието – како симбол на индивидуалноста и на безвременскиот стил.
Чантата е дизајнирана во 1997 година, од Силвија Вентурини Фенди (Silvia Venturini Fendi), трета генерација на семејството основачи. Името го добила по францускиот леб – багет, токму затоа што е наменета да се носи под мишка. Во време кога големите и цврсти чанти беа тренд, Baguette донесе свежина: мала, мека и доволна да ги собере сите неопходни работи. Вентурини Фенди подоцна изјави дека дизајнот бил спонтан и дека токму кратката рачка ја прави да биде како дел од телото на онаа што ја носи.
Вистинскиот пробив се случи со серијата Sex and the City, кога Кери Бредшо на крадецот му се обрати со зборовите: „Ова не е чанта, ова е Fendi Baguette“. Оттогаш, моделот се смета за прва вистинска „It Bag“ – моден симбол препознатлив колку и брендот што ја создаде.
Низ годините Fendi Baguette се појавуваше во безброј варијанти – од кожа со мирис потпишан од парфимерот Франсис Куркџијан, до верзии со крзно и апликации што потсетуваат на ликови на животни. Славни личности, како Елизабет Тејлор, Зои Кравиц и Ријана често се фотографирани со различни изданија на оваа ташна, а и денес таа е омилен моден избор и меѓу новата генерација.
Минатата година Fendi организираше и специјална прослава за враќањето на Baguette и, од ттогаш, социјалните мрежи се преплавени со фотографии од новите изданија, кои речиси веднаш и се продаваат.
Fendi Baguette е достапна во три големини – мини (19 см), класична (26 см) и голема (33 см) – и во најразлични материјали и бои. Сепак, без оглед на иновациите, таа останува верна на својот оригинален дух. „Fendi Baguette е манифест на индивидуализмот“, вели Силвија Вентурини Фенди. „Секогаш е иста и секогаш различна – ја чува својата личност и задоволството да се носи“.