
Винтиџ модата бележи глобален подем, а со неа и зголемената закана од фалсификати.
Повторното враќање на славата на винтиџ колекциите на врвните модни куќи како Dior, Pierre Cardin или Yves Saint laurent создадоа простор и за фалсификување на облеката од минатото. Вешто направени фалсификати сè почесто се пробиваат на пазарот на користена облека, каде што речиси и да нема стручна проверка. Ова е дополнителен предизвик не само за купувачите, туку и за стилистите, модните куратори и за сите што работат во светот на облеката со историја.
Иако фалсификатите стануваат сè пософистицирани, и понатаму има знаци што можат да ги издадат: нерамномерни шевови, неквалитетни ткаенини, логоа со мали отстапки во распоредот или фонтовите, како и нецелосни или непрецизно испишани етикети за одржување.
Со цел да се заштити пазарот од фалсификати и да се поттикне одржливоста, Европската унија воведува нов инструмент: дигитален производствен пасош.
Овој документ ќе стане задолжителен за облеката што се продава на европскиот пазар до 2026 година и ќе содржи точни податоци за потеклото, составот, начинот на производство, како и податоци за поправки и за сопственоста.
Целта е да се создаде траен запис за секое модно парче — своевидна дигитална биографија што ќе ја гарантира неговата автентичност. Додека овој систем целосно не заживее, одговорноста за проверка останува кај професионалците и информираните купувачи.
Фалсификатите не се само комерцијална измама — тие ја поткопуваат смислата на занаетчиството и значењето на модното наследство. Во време кога облеката повторно се цени и како културен документ, зачувувањето на вистинитоста станува обврска, а не избор.