Чанта што го промени светот на модата: Оригиналната Birkin продадена за 10,1 милион долари
Во тивката, елегантна сала на аукциската куќа Sotheby’s во Париз, оригиналната Birkin чанта – онаа првата, износената, изгребана, со закачени налепници и амулети, која ѝ припаѓала на самата Џејн Биркин, продадена е за неверојатни 10,1 милион долари, поставувајќи нов светски рекорд како најскапо продадена чанта досега.
Вистинска модна легенда, оваа торба е нешто многу повеќе од моден додаток. Таа е симбол, епитаф и културна реликвија. И сега, 40 години од нејзиното создавање, оваа чанта ја запечати својата бесмртност.
Чанта што се роди во облаци
Сѐ започна на летот на Air France во 1984 година. кога Џејн Биркин, француско-британската актерка и пејачка, се најде во случаен разговор со тогашниот извршен директор на Hermès, Жан-Луј Дума. Со плетена кошничка во скут и расфрлани предмети по подот на авионот, таа се пожали дека не постои женска торба што е истовремено убава и практична. Дума, инспириран од нејзината спонтана искреност, на кеса за мачнини ја нацртал скицата што подоцна ќе прерасне во Birkin – денес најпознатата чанта во светот.
Година подоцна, Hermès ѝ ја предаде првата рачно изработена Birkin. Таа и нејзината сопственичка станаа неразделен пар сѐ до 1994 година, кога Биркин ја продаде торбата за да собере средства за истражување на ХИВ/СИДА.
Од предмет за секојдневна употреба – до артефакт
Иако изгребана и со дамки од честото носење, токму таа носена состојба ѝ даде на чантата автентичност. Уникатна е – со фиксна рачка за носење на рамо, димензии помеѓу стандардните модели, месинг детали наместо позлатени, и иницијали „J.B.“ уттиснати во кожата.
Во салата на Sotheby’s, девет колекционери влегоа во десетминутен натпревар, кој кулминираше со купувач од Јапонија што ја понуди победничката сума преку телефон. Се шпекулираше дека и познати личности, како Ким Кардашијан и Лорен Санчез, учествувале во наддавањето.
Со оваа продажба беше срушен претходниот рекорд од 513.000 долари за Hermès Kelly чантата со дијаманти. Birkin на Џејн сега е вториот најскапоцен моден предмет продаден на аукција, веднаш по рубин црвените чевли од „Волшебникот од Оз“, продадени за 32,5 милиони долари.
Birkin – модна реликвија и инвестиција
Од 1984 година наваму, Birkin доби култен статус. Таа не е само моден симбол, туку и вносна инвестиција. Во електронската продавница на Sotheby’s моментално се нудат петнаесет користени Birkin чанти, со цени што се движат од 18.000 до 75.000 долари, зависно од состојбата и годината на изработка. Иако се користени, тие се сметаат за колекционерски парчиња со постојано растечка вредност.
Имено, цената на Birkin не зависи само од материјалот, туку и од нејзината приказна. Секоја чанта ја носи со себе естетиката, традицијата на занаетчиството и сè почеста реткост – комбинација што ја претвора во финансиска актива. Најновата продажба, го потврдува токму тоа.
Џејн Биркин – првата „bag charm“ кралица
Џејн Биркин не само што внесе живот во оваа чанта, туку и ѝ даде душа. Таа ја украсуваше со UNICEF налепници, обетки, мали амајлии и дури и со закачени грицки за нокти. Таа беше пионер на персонализацијата пред да стане моден тренд. И токму затоа, оригиналната Birkin не е само чанта – таа е жив споменик на индивидуалноста и стилот.
Од небото – во рацете на модната историја
Четири децении откако беше создадена од потребата на една мајка и интуицијата на еден дизајнер, оваа чанта сега влегува во модната легенда. Преку парите, модата и меморијата, Birkin продолжува да ги поврзува световите на уметноста, индустријата и човечката приказна.

You may also like

Comments are closed.