
Најновата колекција на Caroline Herrera ги спојува модерноста, дизајните инспирирани од природата и винтиџ влијанието, едновремено задржувајќи ја препознатливата енергија на брендот.
Колекцијата на Carolina Herrera за есен/зима 25-26, дизајнирана од Wes Gordon, претставена е на тековната Модна недела во Њујорк (New York Fashion Week). Модното шоу се одржа на 48-от кат на Solow Building, кадешто Gordon создаде градина со 3.000 црвени поточници, кои ја пренесуваа атмосферaта на природата во есен. Колекцијата е инспирирана и од филмот *Being There* од 1979 година, со цел да ги спои наивноста и богатството, пресликувајќи го крајот на 70-тите години.
Клучните карактеристики на колекцијата вклучуваат цветни мотиви, тешки брокати, чипка во бижут-тонови, златести ткаенини и модерни, лесни текстури. Едноставните силуети надополнети со луксузни детали, ја покажуваат поопуштена, но секако издржана дневна модна естетика, совршена за премин од ручек во Bergdorf Goodman, до деловна средба во сала за состаноци.
Вечерните тоалети се исполнети со цветни мотиви и етерични наметки, како и некои неочекувано одважни тулински фустани, со везови кои можат да бидат привлечни за црвениот ќилим. Gordon ја преобликува и познатата бела кошула на Carolina Herrera, презентирајќи ја како туника, создавајќи сосема нов пристап кон класиката.
Wes Gordon е талентиран американски моден креатор, познат по својот иновативен пристап кон дизајнот и стилот што ги комбинира софистицираноста и модерноста. Како креативен директор на Carolina Herrera, Gordon успеа да внесе свежина и современ дух во овој легендарен бренд, притоа задржувајќи ја класичната елеганција.
Колекциите на Wes Gordon ја отсликуваат неговата посветеност кон деталите, класичните материјали и хармоничните, романтизирани силуети, едновремено надополнети со истражувања на модерната женска силуета, низ елементи на опуштена софистицираност. Неговиот успех како дизајнер е заснован на неговата способност да создава парчиња кои се и современи и безвременски, што го прави еден од најистакнатите креатори во современата модна индустрија./M.M.