Ролнички од модар патлиџан полнети со кремасто сирење сместени во богат сос од зрели домати, пиперки, ароматичен лук и свеж босилок. Секој залак носи експлозија од вкусови кои ќе ве одведат на медитеранско кулинарско патување.
Состојки:
- 5 пиперки (исечкани на ситни коцки)
- 5 домати (изрендани, без лушпи)
- модар патлиџан поголем или два помали
- 100 мл. доматно пире
- две гранчиња свеж босилок
- 400 гр. сирење кравјо (исечкано на правоаголници)
- 3 лукчиња
- лажица шеќер
- сол и бибер
Подготовка:
Модриот патлиџан се сече на тенки ленти, потоа на загреана тава без масло, се потпекуваат од двете страни за да омекнат и се посолуваат.
На загреано масло на средна температура, во плитко тенџере се додаваат пиперките и се динстаат 5 минути да пуштат сокови, потоа се додаваат лукчињата, па доматите, доматното пире и шеќерот. Се зачинува со сол и бибер по вкус, се додаваат листовите босилок и се остава да крчка 5 минути.
На секој лист од модриот патлиџан на почетокот се става парче сирење и се витка како ролна. Сите ролнички се ставаат во тенџерето со сос и се оставааат на умерена температура 10-15 минути да се издинстаат а, сосот да згусне.
На здравје!/Б.Б.