Изминатата сабота се одржа традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ на 18 локации низ Скопје. Посетителите имаа можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси.
Централната манифестација се одржи пред „Порта Македонија“ каде што скопјани уживаа во композициите на маестро Кире Костов, изведени од Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од Биг Бенд, под диригентската палка на Љупчо Мирковски и специјално визуелно шоу со 3D на самата порта.
Настанот го посетија илјадници граѓани а ЈУ „Универзална Сала“ додели плакети за трајни вредности „Кире Костов“ на неговата фамилија како и на Влатко Мирковски. Како претходница можеше да се чуе рок концертпт на музичкото училиште „Ентерпрајз“.
На „Школка“ во градскиот парк, можеше да се чујат и видат: Група Педро Хоризонте, Стефан Петановски Бенд, Занаду Бенд, Димиш Бенд и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ беше поставена изложбата „Игри и мечтаења“ од Друштвото на ликовни уметници на Македонија, во Факултетот за Драмски уметности беа изведени повеќе театарски престави како и филмска и музичка програма. На плоштадот „Филип Втори“ граѓаните ужива во изведбите на македонските традиционални ора, од повеќе културно-уметнички друштва.
Во кинотеката на Македонија можеше да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во галеријата Остен беше поставена изложбата „Право на јавни простори“, од Факултетот за архитектура и дизајн, на Универзитет Американ Колеџ.
Во „Капан Ан“ беше прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ беше поставена изложбата „Култура во кутија на Доминиум културно јадро.
Програмата ја збогатија и културните институции: Културно Информативен Центар – Скопје, Детски културен центар „Карпош“, Музеј на Град Скопје, Музеј на современа уметност, Библиотека „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.
Настанот беше во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје и е дел на понудата на Град Скопје како Европска престолнина на културата 2028 година.