Додека повеќето луѓе претпочитаат да заспијат слушајќи смирена и бавна музика, некои се чувствуваат порелаксирано кога слушаат позната популарна музика, со висока енергија.
Најновата студија идентификува неколку карактеристики на музиката поврзана со спиењето. Популарните плеј листи за музика за спиење на Spotify освен смирени, вклучуваат и побрзи, посилни и поенергични песни. Rebecca Jane Scarratt од Aarhus Универзитетот, Данска, со колегите ги презентира овие наоди во јануарското издание на PLOS ONE, пренесува Neuroscience магазинот.
За подобро да се разберат карактеристиките на музиката за спиење, анализирани се 225.626 песни од 985 плејлисти на Spotify, поврзани со спиењето. Тие го користеа API на Spotify за да ги споредат аудио карактеристиките на записите за спиење со аудио функциите на музиката од базата на податоци што ја претставуваат музиката воопшто.
Оваа анализа покажа дека музиката за спиење има тенденција да биде потивка и побавна од друга музика. Исто така, често е без текст и се изведува со акустични инструменти. Сепак, и покрај овие трендови, истражувачите открија значителна разновидност во музичките карактеристики на музиката за спиење, идентификувајќи дури шест различни под-категории.
Трите од под-категориите, вклучувајќи ја и амбиенталната музика, се усогласуваат со типичните карактеристики, идентификувани како музика за спиење. Музиката во другите три под-категории е погласна и со повисок степен на енергија од просечната музика за спиење. Овие нумери вклучуваат песни како „Dynamite“ од групата BTS и „lovely (with Khalid)“ од Billie Eilish и Khalid.
Авторите сметаат дека и покрај нивната поголема енергија, популарните песни потенцијално би можеле да помогнат за релаксација и спиење, преку развиената блискост. Сепак, ќе бидат потребни повеќе истражувања за да се истражи оваа можност и да се идентификуваат различните причини зошто различни луѓе избираат различна музика за спиење.
Генерално, оваа студија сугерира дека не постои „една песна што е соодветна за сите“ кога станува збор за музиката што луѓето ја одбираат за спиење. Сепак, наодите би можеле да помогнат во идниот развој на стратегии што ќе им помогнат на луѓето, кога е во прашање спиењето.
Авторите додаваат дека ги истражувале карактеристиките на музиката за спиење и утврдиле дека „иако музиката е генерално помека, побавна, инструментална и често се изведува на акустични инструменти, сепак луѓето користат повеќе варијацији вклучувајќи и музика која се карактеризира со висока енергија и темпо.
Студијата може да влијае врз клиничката употреба на музиката и да го унапреди разбирањето за тоа како музиката се користи за регулирање на човечкото однесување во секојдневниот живот./М.М.