Inditex, компанија во чија сопственост е мега брендот Zara, објави ново партнерство и потпишување на договор вреден 100 милиони евра со текстилната компанија Infinited Fiber.
Според договорот, во наредните три години Inditex ќе купува 30% од годишниот обем на производство на Infinna – влакно целосно направено од текстилен отпад.
По повод потпишувањето на договорот, Zara лансираше капсула колекција, со облека добиена во соработка со шпанскиот NFO Cáritas, партнер во програмата за собирање користена облека. Линијата, достапна на страницата за е-трговија на Zara, ја користи технологијата за регенерација на текстилен отпад на Infinited Fiber.
Во соопштението до медиумите, Javier Losada, главен директор за одржливост на Inditeх посочува дека: иновациите се клучни за конкурентната кружна иднина на модната индустрија, поради што активно работиме на изнаоѓање решенија и бараме нови партнерства, процеси и материјали, со цел да постигнеме рециклирање „од текстил во текстил“. Влакната од следната генерација, како Infinna – се од витално значење за спроведување на трансформацијата што ѝ е потребна на нашата индустрија“.
Infinited Fiber веќе ја гради својата прва голема фабрика , која планира да започне со работа во 2024 година, со цел да обезбеди испорака на договорените количества на Inditex .
Влакното е со чувството на памук и може повторно да се рециклира преку истиот технолошки процес. Тоа им овозможува на компаниите да ја минимизираат употребата на нови материјали и да се движат кон кружен метод на производство./М.М.