Битолската „Зимска приказна” започна со настап на Фолтин, а заврши со првото изгрејсонце во Новата Година на Пелистер. – Планинарите со музика и аплаузи беа испратени во својата прва акција – зимското искачување на Пелистер во новата 2022 година.
Симболично, со изгрејсонцето на првиот ден од новата 2022 година на врвот Пелистер заврши празничната „Зимска приказна” – претпразничниот проект што траеше девет дена.
Своето новогодишно зимско искачување „Први на 1-ви” 34 планинари го започнаа од платото пред Офицерскиот дом, кое беше претворено во празничен плоштад и каде што се одвиваа сите настани.
„Зимска приказна” започна на минусни температури со новогодишниот концерт на Фолтин, за во текот на девет дена да бидат реализирани 57 различни проекти и 60 часови активна програма.
Десетици музички групи од сите жанрови, актери, диџеи, театарски претстави, учесници на детски музички фестивали, неколку работилници, изложби на локални учесници се покажаа како вистински рецепт за добра програма. Можност за промоција имаа и малите бизниси: занаетчиите, и угостителите, со селектирана понуда./М.М.