Со голем концерт на Фолтин, од утре 23 декември па сѐ до новогодишниот пречек, на 31 декември, платото пред неодамна реконструираниот Офицерски дом во Битола ќе биде претворено во празничен плоштад каде што девет дена ќе се реализира програма насловена како “Зимска приказна”.
Во листата на изведувачи покрај Фолтин се Паркети, Боеми, Ние запирка другарите, Фонтана и други, десетици битолски диџеи, Камерниот оркестар на Битола, Дувачкиот оркестар, актери, театарски претстави и редица други изведувачи.
Разнообразни вкупно 57 проекти, кои подразбираат настапи на музички групи, ДЏ, учесници на детски музички фестивали, потоа театарски претстави, како и работилници со над 60 часа активна програма, ќе ги анимираат битолчаните во претпразнична денови. Сите ангажирани учесници се избрани на јавниот конкурс објавен од Општина Битола.
Конкурсот побуди голем интерес, мотивирајќи ги сите локални артисти да се пријават, со цел да се поддржи нивното творештво , особено во годината кога заради протоколите имаа ограничен број ангажмани.
На просторот пред Офицерскиот дом ќе има простор и за малите бизниси: занаетчии и угостителски услуги, со цел да се промовираат, нудејќи придружна понуда која ќе асоцира на празници и славење.
Градоначалникот на Битола Тони Коњановски, информирајќи за предновогодишната програмата посочи и дека едноставно и елегантно ќе биде осветлен Широк Сокак, со лед светилки, додека центарот на збиднувањата ќе биде платото пред Офицерскиот дом кој ќе понуди и програма и начин за јакнење на локалните мали бизниси./М.М.