Втората сезона на Скопскиот моден фестивал започна со три автентични ревии во трговскиот центар Скопје Сити Мол.

Под називот „Ти можеш, ти си силна“, познатата македонска дизајнерка Маја Кикириткова, чиј потпис е на брендот „Eleazar“, претстави уникатни креацији скроени за самоуверени жени. Елегантната црна, златната и сивата обликуваа сериозен крој каков што ѝ доликува на една вистинска дама. Според дизајнерката, инспирацијата лежи во жената во својата најдлабока форма, жена која навидум изгледа како санта мраз, но со еден допир станува мека, нежна.

Етник Шала, дизајнерот од Косово, на посетителите им се претстави преку авангардна ревија на својата најнова колекција. „Гоблен“. Мотивот на гобленот беше вивидно забележлив во деталите на фустаните, а последниот модел изнесе целосна слика на еден гоблен извезен во вид на наметка. Тоновите на жолта, кафена и на зелена боја, комбинирани со розево, оддаваа впечаток дека тоа е следниот нов фустан што ѝ прилега на една девојка која сака да се искаже преку облеката.

Секогаш се трудам да создавам сетиментални креации врзани со моето детство и местото од каде потекнувам. Секое парче е всушност уметничко дело направено преку механички слики извезени во бројки и бои, истакнува Шала во преставувањето на колекцијата.

Крајот на првата вечер помина во знакот на идната генерација македонски дизјанери – на студентите на Академијата на моден дизајн при Школата за дизајн, уметност и технологија – „Скала” [порано „Џолев и уметностите”].

Инспирирани од претходните декади, застапеното либерално движење со панкерска нота, петте студентки, Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска навестија експериментални трендови што не влегуваат во рамките на секојдневната мода. Истовремено, креациите блиски до студентите се блиски до помладите генерации, па во фокусот беа смели комбинации од каро здолниште и блузички од тантела и ракавици./М.М.

 

You may also like

Comments are closed.