Дискоритам, младалашка енергија и гламур, „Сите светла“ е нов хит во македонската дискографија.
Лара Иванова и Јосиф Ристовски го објавија нивниот прв дует „Сите светла“. Автори на текстот и на музиката се Лара и Јосиф, за аранжманот се погрижи единствениот Дарко Димитров, а за видеозаписот Томислав Живковиќ, кој и овој пат целосно ја долови пораката на песната и на целиот музички проект му даде ексклузивна нота.
Станува збор за трендовски хит затоа што за само неколку дена има илјадници прегледи и лавина позитивни коментари и реакции од македонската публика, но и од регионот.
„Сите светла“ се вперени кон Лара Иванова затоа што во новиот видеозапис се појавува во уникатно и впечатливо издание, а Јосиф одлично ја дополнува со својата улога.
„Песната излезе многу спонтано. Работевме во студио и по две-три демо-снимки, ја направивме „Сите светла“. Јас сум презадоволна од оваа соработка, вели Лара. Коментарите од публиката се позитивни и тоа многу ме радува. Јосиф е доста флексибилен за работа и многу е креативен, па затоа беше задоволство да се соработува со него. Секако, не застанувам тука, работам на многу нови проекти, што значи дека многу бргу повторно може да очекувате нешто ново од мене“.