По бранот остри критики и побараниот бојкот, Zara ги симна сликите од новата рекламна кампања која наликува на уништувањата во Газа.
Шпанскиата модна марка Zara ја повлече својата нова кампања за The Jacket, откако доби остри критики на социјалните мрежи. The Jacket кампањата промовира шест нови јакни, во кои моделите се облечени во јакни опкружени со урнатини и статуи без екстремитети, завиткани во бело платно. За многумина, сликите од кампањата наликуваат на слика на мртви тела во Газа.
Повиците за бојкот против брзата модна марка избија во текот на минатиот викенд, откако за рекламата за колекцијата на Atelier, некои пропалестински активисти и корисници на социјалните мрежи тврдеа дека ги исмевале луѓето во Газа.
Според Forbes, една објава на Инстаграм, од четвртокот, има 45.000 лајкови и над 171.000 коментари, главно од корисници кои ги осудуваат рекламите, го објавуваат палестинското знаме и повикуваат на бојкот.
На официјалната страница на Zara на Инстаграм, брендот објави соопштение во кое одговори на критиките: „Замислена во јули и фотографирана во септември, кампањата претставува серија слики на недовршени скулптури и е создадена со единствена цел да покаже занаетчиска облека во уметнички контекст. За жал, некои клиенти се почувствуваа навредени од овие слики и тие сега се отстранети. Од Zara додаваат дека жалат за заблудата и повторуваат дека имаат „длабока почит“ за сите.
Истакнуваат и дека колекцијата ќе продолжи да се продава нормално, само сликите ќе се земаат offline.
Под оваа изјавата на Zara, многу корисници на Инстаграм го изразија своето разочарување од одговорот, коментирајќи го отсуството на извинување и повторувајќи ја својата посветеност да го бојкотираат брендот.
Досега се организирани протести во продавниците на Zara во Хановер, Германија и во Мелбурн, Австралија, како и пред продавниците во Тунис, кадешто е истакнато дека сликите се за палестинска смрт и за страдањата./М.М.