Идната сабота, трети јуни, од пладне до вечер, (12- 20ч), во Паркот на Франкофонијата во Скопје, по трети пат ќе се случува Фестивал на биодиверзитет: Коктел на вкусови, што го организира Слоу Фуд Водно, со поддршка на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Слоу фуд Македонија во своите редови ги има најдобрите производители кои ја бранат агендата поврзана со автентичната храна: ќе има околу 40 изложувачи од цела Македонија, од кои 21 од Скопје.
Овој пазар за храна на локалните производители вклучува и презентации, алкохолни, вински и пивски дегустации и секако- убаво дружење цел ден во најубавиот дел на Дебар маало.
На настанот ќе бидат презентирани сите можни вкусови: благо, солено, луто – гастрономски деликатеси во тегли, пинџур, џем, слатко, намази, се природно, со вкусови што ќе ве вратат во детство, потоа- традиционалните козји, кравји и секакви сирења, сувомесни производи сушени на дрва.. Доколку не сте го запознале вкусот на тартуфите, ова е можност да се вљубите во некој од производите на оваа чудесна печурка, да вкусите органско масло од лешник, природни сокови, масла, домашни ракии, занаетчиски пива, вина од мали семејни винарии…
Звучи примамливо, но сите овие производи не се само поезија и пејзаж, туку економија, грижа за почвата, планинските и маргиналните области, обнова на напуштените земјишта.
Освен дегустација на производите кои ќе можат и да се купат, во програмата на фестивалот ќе има претставување на крафт пиварии, најдобрите коктел мајстори ќе приговуваат коктели од пијалоци на локалните производители, а најмладите ќе имаат катче со работилница од програмата на проектот Училишни градини на Слоу Фуд.
Слоу Фуд Водно