Во фоајето на Центарот за култура во Битола е отворена концептуална изложба АЛГА, која претставува симбиоза помеѓу современиот моден дизајн на брендот LOM Label, уличната уметност од Hybrid Minds и електронската музика на една селектирана група на ДЏ артисти од Битола. Нивната мисија е едноставна: да се промовираат локалните уметници и нивното ново создавање со еко порака која е повеќеслојна.

Имено, за модната колекција на LOM Label употребени се природни и алтернативни материјали. Посветено е посебно внимание на кроењето, со цел да се создадат модни парчиња со минимален отпад, а и остатоците да се повротно да се употребат за изработка на ново парче облека или моден додаток. Овој моден бренд, зад кој е модната дизајнерка Марта Дојчиновска, овој пат се враќа кон нејзината публика со колекција која е составена од фузија на органски, флуидни, нежни и геометриски форми инспирирани од алгите. Тој лајтмотив е исто така тема на уметничките дела на Драган Милованов- уметник кој создава графити. Неговите дела ја раскажуваат љубовта кон природата, зачувувањето на зелените површини, графитите и уличната уметност, претопени на уметничко платно со уникатен стил на изразување и силна порака за грижа кон животната средина.

Авторите на изложбата истакнуваат дека фокус на АЛГА се организмите алги, флуидните форми како и варијациите на што ги имаат, нивната полезност за животната средина и еко-системот, како и нивниот опстанок во секое годишно време. Од транспарентна бела, сива, свежо зелена па се до црнa…бојата и формите на алгата се провлекуваат низ модната колекцијата и уметничките дела.

На модно-уметничкиот и музички перформанс, што ќе трае четири дена, свои сетови ќе имaат DJ Dejan Dex, Herzel и Chiko. Проектот е поддржан од Министерството за култура./М.М.

 

You may also like

Comments are closed.