Дипломираниот новинар кој исклучително го цени неформалното образование веќе неколку години го има „Тиноски„ и  креативноста која нема граници

ММ: Како би се опишале себе си – своите почетоци, поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало и насочило кон успехот?

Истрајноста и искреноста во пристапот е она што ја одржува приказната веќе неколку години. „Тиноски„ започна случајно, посегнувајќи по креативно време за себе и продолжи во насока каде што е денес. Искуството ми покажа дека плановите треба да постојат, но постојано прилагодување на моменталните можности и ситуација е неопходно. Од сета досегашна работа научив дека нема откажување од зацртаното. Кога е тешко е посебен предизвик, а наоѓањето решение е ново животно искуство. Од едната страна приказната секогаш е розова, но од другата има многу непроспиени ноќи, посветеност, пречки кои ве тераат да помислите дека се ќе заврши, но и слатки задоволства по нивното надминување. Со тек на времето научив дека од се треба да се научи лекција. Учиме и се надоградуваме постојано, без тоа нема прогрес.

Валентин Петрески

ММ: Каде го стекнавте Вашето образование, каде првите креативни искуства?

По професија сум дипломиран новинар на Македонскиот институт за медиуми во Скопје. Бидејќи сум од Охрид, основното и средното гимназиско образование го завршив таму. Бев активен уште тогаш, посебно сум среќен што имав можност да бидам дел од проекти за младински развој, семинари, обуки и тренинзи. Неформалното образование според мене е исклучително важно, тоа се вештини и знаења кои не се учат во школските клупи ниту од книга. Креативноста е со мене од кога паметам… сега само е повеќе канализирана и насочена кон приказната на „Тиноски„.

Тиноски

ММ: Како би го опишале вашиот стил?

Она што го гледате на „Тиноски„ сум целосно јас. Несовршено, спонтано, без и со кршење на правила. Креативноста според мене не познава ограничување.

ММ: Која е водечката инспирација за создавањето ?

Се е инспирација. Најмногу енергијата на луѓето, секојдневните опкружувања и помислата на создавање.

 

ММ: Што би издвоиле како највпечатлив личен успех во создавањето?

„Тиноски„. За некого малку, за мене многу. Личен успех и гордост, затоа што знам колку сум се вложил. „Тиноски„ е сеуште дете но заедно растеме!

Тиноски

ММ: Дали може да се живее од професијата ракотворец и колку луѓето знаат и купуваат парчиња рачна изработка?

Ако ги правите работите затоа што сакате, а не со конкретна задна намера, се ќе дојде своевремено. За да се врати, треба да дадете. Знаеме колку и како може да се наплати реалниот труд во уметноста во светот, но, сепак сум благодарен. Рачната изработка е во подем и особено се радувам што сум дел од генерацијата која ги наметнува тие старо-нови трендови.

Тиноски

ММ: Може ли да ни кажете нешто за идните планови?

Ќе оставиме времето да покаже. Во оваа неизвесност на светот, среќен сум што Тиноски трае и инспирира. /М.М.

Валентин Петрески

 

You may also like

Comments are closed.