По точно еден век од смртта на Антони Гауди, папата Лав XIV свечено ја инаугурира централната кула на базиликата. Фасцинантниот храм успеа да ги сруши светските рекорди благодарение на револуционерниот математички дизајн, создаден во ера кога компјутерите не ни постоеле.
Точно еден век по трагичната смрт на Антони Гауди, неговото незавршено ремек-дело Саграда Фамилија (Светата Фамилија) во Барселона ќе доживее историски момент. Папата Лав XIV свечено ја инаугурира централната Кула на Исус Христос, со што овој храм и официјално ја презема титулата за највисока црква во светот. Со својата нова висина од 172,5 метри, Саграда Фамилија ја надмина германската катедрала во Улм со висина на четирикатна зграда.
Изградбата на оваа импозантна базилика трае веќе 144 години, надживувајќи две светски војни, индустриската и технолошка револуција. Иако поради комплицираноста на главниот влез и контроверзните скалила целосниот крај на градежните работи не се очекува пред 2035 година, завршувањето на централната кула означува триумф на визионерскиот инженеринг на Гауди.
Архитектура без „патерици“ и прави агли
Она што ја прави Саграда Фамилија уникатна во историјата на уметноста е фактот што таа ја достигна оваа рекордна височина без помош на традиционалните надворешни потпорни столбови, карактеристични за готските катедрали, кои Гауди погрдно ги нарекувал „патерици“.
Наместо тоа, тој развил сосема нов структурен систем заснован на геометријата на природата. Внатрешноста на базиликата наликува на камена шума: накривени, двојно извртени столбови се гранаат кон таванот како дрвја, префрлајќи го товарот врз комплекс од хиперболични сводови високи до 75 метри. Водени од максимата дека „правата линија му припаѓа на човекот, а заоблената на Бога“, дизајнот на црквата речиси и да не содржи прави агли, туку изобилува со спирали и револуционерни геометриски форми инспирирани од природата.“
Параметриско размислување пред ерата на компјутерите
Најфасцинантниот аспект на ова ремек-дело е што Гауди ги дизајнирал овие сложени површини користејќи исклучиво физички модели и математички алгоритми, во време кога немало компјутери или електрични калкулатори. Извршните архитекти кои подоцна работеле на проектот потврдуваат дека кога инженерите во 1990-тите ги направиле современите компјутерски пресметки, немало никаква потреба да се менува оригиналниот дијаграм на сили што Гауди го оставил зад себе. Тој размислувал параметриски далеку пред софтверот воопшто да биде измислен.
Оваа комплексност се покажала како огромен предизвик по Шпанската граѓанска војна, кога неговите оригинални планови и модели биле уништени. За да го дешифрираат геометрискиот код на Гауди, архитектите во 1990-тите морале да позајмат напреден параметриски софтвер од аеронаутичката индустрија, користен за конструирање на авионите „Boeing 777“. Оваа технологија подоцна го трансформираше и светот на модерната архитектура. Историчарите на уметноста денес се децидни: формата на Саграда Фамилија е толку комплицирана што нејзиното градење со традиционални нацрти и инженерски методи едноставно би било невозможно.
Инаугурација, на денот на стогодишнината од неговата смрт, е дефинитивна потврда за генијалноста на Антони Гауди – човекот кој успеа да создаде вонвременска „Библија во камен“ и визуелен спектакл кој денес привлекува милиони луѓе од целиот свет и носи годишен приход од 150 милиони евра.
Фото: Sagrada Familia Foundation, FB




















