Најдобри за сушење се малите меснати домати, зрели, црвени, сеуште цврсти и без флеки. Пелатите се токму такви – меснати и цврсти, но, секако можат да се сушат и други сорти, како cherry доматите.
Од состојки потребни се:
5 кг пелати домати
5 мали лажички морска сол
Лажичка шеќер
5 парчиња ситно сечкан лук
Гранче рузмарин
екстра девствено маслиново масло.
Мерките се произволни, со визуелна проценка – според вкусовите можат да се додадат повеќе зачини, а доколку нема свежи, можат да се користат и сушени зачински билки.
Измиените и просушени домати се сечат на четвртини, должински и се оставаат на решетка најмалку половина час за да се исцедат. Колку повеќе ќе се исцедат, толку покусо ќе е сушењето.
Тавата за печење се обложува со хартија за печење, на која се ставаат доматите, посолени. Внимавајте да не се допираат, за воздухот слободно да циркулира.Сушете во рерна загреана на 120°C (вентилатор 90-100°C) додека рабовите на пелатите се не свиткаат а тие не се намалат на една третина од претходната големина. Времето на сушењето е од два до три часа, во зависност од тоа колку биле сочни. Повремено се препорачува отворање на рерната ( за да излезе влагата и чадот).
Во стерилизирани тегли ставајте цели резанки од лукот, гранче рузмарин и наполните со сушените домати. Ставете врз доматите малку шеќер (солта не е потребна, солени се претходно) и на крајот ставете маслиново масло. Маслото треба да ги покрие сушените домати. Теглите се затвораат, а за да стојат надвор од фрижидерот треба теглите со сушените домати да се стават во рерна и да се греат половина час на температура од 100°C. Потоа рерната се исклучува и сушените домати се оставаат во неа да се оладат./Б.Б.