Романтичната естетика од минатото – инспирација на современата мода
Меѓу трендовите што оваа пролет ќе се враќаат од минатото е и малата чанта со врвка, позната како ретикула. Денес редефинирана како практично решение, таа повторно се искачува на врвот на модната хиерархија, потврдувајќи дека романтичната естетика на регентската ера продолжува да ја инспирира и современата мода.
Ретикулата своето потекло го има од крајот на 18 и почетокот на 19 век, во времето кога женската мода се ослободува од обемните здолништа и скриените џебови. Тогаш оваа мала чанта, најчесто носена на рака, или, околу зглобот, била доволна за неколку неопходни ситници: монети, марамче или мирисна сол. Денес, нејзините пролетни интерпретации се поголеми иако суштината останува иста – елеганција во најчиста форма.
Модните куќи сега ѝ пристапуваат на ретикулата со различен израз, но со исто почитување кон нејзината историја. Celine ја претставува Triomphe pouch чантата како визуелна алузија на регентската префинетост, со јасно истакнато лого и форма што потсетува на строго контролирана елеганција, достојна за светот на Пенелопе Федерингтон.
Кај Loewe, Flamenco кожната pouch чанта добива поразиграна, но и сензуална димензија, со препознатливиот јазол што ја претвора во објект што се носи речиси како скулптура. Prada, пак, нуди сатенски Wish pouch модели, во духот на вечерната аристократија, кои повеќе наликуваат на раскошни вреќички отколку на класични чанти.
Враќањето на ретикулата доаѓа паралелно со големото очекување околу четвртата сезона на серијата Bridgerton, која уште еднаш го актуелизира визуелниот код на регентската ера. Од корсети и ракави до чанти и накит, овој историски период продолжува да се прелева во современиот моден јазик, докажувајќи дека романтиката, кога е добро интерпретирана, секогаш е релевантна.
Ретикулата денес не е само носталгичен додаток, туку функционален моден објект, прилагоден на динамичниот урбан живот. Таа совршено се вклопува во пролетните комбинации – од дневни прошетки до вечерни настани. Ако регентското друштво, познато како The Ton, можеше да суди за современата мода, ова враќање сигурно би било одобрено со воздржана, но искрена насмевка./M.M.
Фотографии: Loewe, Celine и Prada, Bridgerton тв серија, Netflix

















