Пролетното издание на Белградската модна недела испрати силна порака според која модниот израз припаѓа на одговорниот дизајн, еколошката свест и креативноста што ја почитува планетата.
Со силен фокус на одржливоста, еколошката одговорност и иновативниот моден израз, заврши 57. издание на Perwoll Fashion Week во Белград, кое оваа пролет се одржа на неколку локации низ српската престолнина. Под темата „Земја · Вода · Воздух“, манифестацијата уште еднаш ја потврди својата позиција како една од водечките регионални платформи што ги поврзуваат модата, уметноста и општествената одговорност.
Во текот на неколкудневната програма, ревиите, изложбите, работилниците и панел-дискусиите отворија значајни прашања за влијанието на модната индустрија врз животната средина, поттикнувајќи дијалог за потребата од поодговорни практики во современото модно создавање.
Настанот беше отворен со самостојната ревија на дизајнерката Марија Тарлаќ во Музејот на африканска уметност, каде публиката беше сведок на впечатливо враќање кон наследството и безвременската естетика. Внимание привлече учеството на легендарните манекенки, кои симболично ги поврзаа различните генерации на српската модна сцена.
Во Хангарот на Лука Белград доминираа тематските и групните ревии, меѓу кои централно место зазеде спектакуларната поставка „Земја. Вода. Воздух“, во која 20 реномирани дизајнери преку своите креации ја интерпретираа годинешната тема. Визуелните проекции и сценографските решенија беа проследени со предупредувачки статистики за еколошките последици од модната индустрија, кулминирајќи со моќната порака: „Вратете ни ги нашите светулки“.
Еден од најемотивните моменти на фестивалот беше ревијата посветена на Добрила Смиљаниќ, визионерката која го прослави сирогојнското плетиво на светската сцена. Во омажот учествуваа 13 домашни дизајнери кои успешно ги споија традицијата и современиот моден јазик.
Дополнителна вредност на фестивалот донесоа и меѓународните соработки, меѓу кои изложбата „Future Makers – New Visions for the Fashion of Tomorrow“, реализирана во партнерство со Амбасадата на Италија во Белград и универзитетот NABA од Милано.
Затворањето на 57. Perwoll Fashion Week донесе несекојдневно „бекстејџ“ искуство, прикажувајќи го во живо процесот на создавање модна фотографија и отворајќи нов поглед кон светот зад модната писта.
Фото: 57. Perwoll Fashion Week Белград, Instagram,




















