Песната „Оган да го гори” во изведба на Ламбе Алабаковски е првата од предвидените дванаесет нумери што јавноста ќе има можност да ги чуе во проектот „Македонијо во срце те носиме”.

„Оган да го гори” ја потпишуваат фолк легендите Војо Стојаноски, како автор на музиката и Гоце Николовски, како автор на текстот. Аранжманот е на Николче Мицевски, кој со огромна одговорност застана пред предизвикот да напише нови аранжмани за сите 12 композиции.

„Гоце Николовски е мојот омилен пејач и од детството имав желба да препеам некоја негова песна. Со овој проект, оваа моја дамнешна желба конечно станува реалност. Горд сум што сум дел од „Македонијо во срце те носиме”, горд сум што ја отпеав „Оган да го гори”, вели Ламбе.

Зад видеото, како и комплетната реализација на проектот, стои Скендеровски продукција.

Идејата за реализацијата на проектот во кој се собрани 12 песни и исто толку изведувачи е со единствена цел – во овие турбулентни времиња, кога често сме негирани како народ кој има своја историја, свое творештво и песни во кои се крие вистината на нашата земја, да се возобноват најубавите македонски патриотски песни, да им се продолжи векот и да ги доближиме до младите генерации.

Освен Ламбе, меѓу изведувачите се и: Наум Петрески, Сузана Спасовска, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски, ДНК, Огнен Здравковски, Андријана Јаневска, Александар Тарабунов, Мина Блажев, Марија Спасовска и Зуица Лазова. Во рамките на проектот за есенва е планиран и концертен караван.

Изведбата на Ламбе Алабаковски може да ја погледнете тука:

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.