Концертот „Музика и цртан филм“ го поврзува светот на класиците со детската фантазија – за радост, развој и духовно збогатување на најмладите и за заеднички мигови со нивните родители.
Во време исполнето со стрес, брзина и површност, сè повеќе родители и воспитувачи се враќаат кон вистинските вредности – духовноста, уметноста и значењето на квалитетното детство. Класичната музика, често заборавена во секојдневната врева, повторно станува дел од растењето – инспиративна, смирувачка и развојна.
Концертот *„Музика и цртан филм“* е токму таков повик – спој на безвременските класични композиции и волшебниот свет на анимацијата. Настанот што ќе се случи на 1 јуни, со почеток во 12 часот, игротеката „Дрим зона“ во Дајмонд Мол, не само што ќе ги воодушеви најмладите, туку и ќе им подари на семејствата можност за заедничко уживање, учење и поттикнување на детската имагинација, емоционална интелигенција и љубов кон уметноста.
Концертот е проект на Пламенка Трајковска – еминентна виолинистка, композитор и членка на Државната филхармонија, како и на музичката организација „Пламенка Трајковска – мали камерни состави“, инаку посветена на мисијата на доближувањето на класичната музика до најмладите.
Не е случајно што класичната музика сè почесто наоѓа место во воспитно-образовниот процес. Бројни истражувања укажуваат на нејзиното лековито дејство и позитивен ефект врз детскиот развој. Слушањето и изведувањето музика го поттикнува мозочниот развој, ја подобрува моториката, ја зголемува креативноста и ја негува емоционалната интелигенција. Класичната музика кај децата го развива и визуелниот аспект, ја поттикнува фантазијата и способноста за апстрактно мислење.
Поради сето, „Музика и цртан филм“* не е само културен настан – тој е и едукативно и сензорно доживување кое на природен и ненаметлив начин го поддржува менталниот и емоционалниот развој на децата.
А можеби најубавиот дел е што и на родителите – како големи деца – им е потребно вакво искуство: заеднички ови исполнети со музика, смеа и блискост со нивните најмили./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.