Македонка на врвот на светската модна сцена – Лара Станчева победи на престижниот избор Top Model International 2025, во конкуренција на фотомодели од целиот свет. Петнаесетгодишната ученичка во средното училиште Георги Димитров од Скопје блесна во финалето што се одржа минатата недела во ексклузивната сала Sporting Monte Carlo во Монако.
Лара, која е членка на Модното студио Црнокрак, ја постигна оваа извонредна победа во конкуренција од 59 девојки од целиот свет. Ова е прв пат Македонија да учествува на овој интернационален избор, што ја прави победата уште повпечатлива.
Процесот на селекција е започнат со над 10.000 онлајн апликации од кандидати ширум светот. Потоа беа избрани 5.000 учесници, од 35 националности, кои се натпреваруваа на кастинзи во неколку европски градови. На кастингот во Париз, Лара беше избрана за полуфиналето во Брисел, кадешто влезе меѓу 450 кандидати. Таму, уште еднаш блесна, и обезбеди место во големото финале, како една од 111-те најдобри девојки – 52 во категоријата модели и 59 во категоријата фотомодели.
Највисокото признание во категоријата фотомодели ѝ припадна токму на Лара. Кај машките фотомодели победи Matteo Mergny, од Белгија, додека Димитар Димоски, уште еден македонски претставник, ја освои наградата за најмногу гласови од публиката и доби фотосесија во Сен Тропе.
Во категоријата модели победи Emma Demay, од Франција, додека кај машките титулата ја понесе Federico Rossini, од Италија.
Како победничка, Лара доби ангажман во две меѓународни модни кампањи за глобално познати брендови, со фотосесии кои ќе се одржат во наредниот период во Маракеш, Мароко и на Малдивите.
Со овој извонреден успех, Лара Станчева не само што ја претстави Македонија во најсветло издание, туку и ги отвори вратите на меѓународната сцена за нови генерации на млади модели од нашата земја./M.M.

You may also like

Comments are closed.