Откривањето на нови техники ми дава енергија, живот, смисол во слободните моменти и лек во менталните и душевни кризи.
ММ: По сето што се случуваше во светот минатата година многу од бизнисите поминуваа, па и сеуште поминуваат низ период на сериозни преиспитувања. Како сето влијаеше и врз вашето работење?
Јас сум ракотворец и во слободното време изработувам разни украсни предмети, честитки, накит, амбалажни кутивчиња и разни други потрепштини. Сето ова го работам од задоволство, не за комерцијални цели, па можеби затоа порастеретено ги прифаќам сите промени во нашето секојдневно живеење. На почетокот од пандемијава немав ниту желба, ниту идеја, ниту разбуден креативен сенс, едноставно тонев во ковид информации и ништо не ракотворев. Како да го изгубив чуството за креативност. После 3 месеци како да се разбудив од ковид кошмарен сон – почнав да правам украсни сапуни. Направив 20 и ги подарив на вработените во Црвениот крст на Град Скопје. Сметав дека некој треба и ним да им се заблагодари, да им подари внимание за нивното секојдневно следење на состојбата со пандемијата. И така разбудена се уште создавам, играм со креативниот мој сенс. Последно мое креативно остварување беа новогодишните честитки. Направив 50 и сите ги пратив на пријатели. Душата ми се наполни.
ММ: Дали во овие новонастанати услови влијаеа врз ракотворците во Македонија и колку луѓето лани се решаваа да купуваат производи од ракотворците?
Сите мои изработки ги изложувам на мојата специјализирана ФБ страна. Имав само една нарачка за една година. Тоа е поразително за оваа категорија понудувачи. Среќа што ракотворството не ми е единствен извор на приходи. Верувам дека оние кои живеат од овој вид занает тоа го почуствувале и се сериозно финансиски погодени. Од друга страна купувачите не размислуваат за подароци кога се плашат дали ќе имаат доволно за витамини, лекови, средства за дезинфекција и се друго што е потребно за заштита од вирусот.
ММ: Можеме ли да се навратиме на вашите почетоци, на поривот за создавање, премрeжјата, она што ве одржало низ годините?
Јас со ракотворство се занимавам од моите средношколски денови. Почнав да „играм“ со хартијата, материјал кој од секогаш ми бил предизвик. Изработував разни нешта и ги продавав пред некои празници на камп масичка на главниот плоштад во Скопје. Тоа беше во 80 тите години на минатиот век, тогаш така се претставуваа ракотворците. Беше многу интересно, забавно и ново искуство. Во тоа време немаше интернет, па пласманот беше ограничен. Материјали за изработка купував во Солун, Белград, а и секаде каде патував, шетајќи како студент. Апетитот за нови техники ми растеше, па почнав да посетувам курсеви за разни техники. Научив да правам свеќи, да сликам на стакло и ткаенини, изработував накит од разни материјали и го открив декупажот. Тогаш се роди љубовта и тргна возот полн со декупажирани предмети. Почнав и јас да држам работилници и да ги подучувам сите оние кои сакаа да научат нешто ново. Многу мои ученици почнаа да заработуваат од оваа техника. Сега веќе не ја работам, некако ми се здосади. Но не запирам со учење. Научив интересна техника за изработка на накит „Казазие“, бев на работилница за цртање мандала, научив како се прават сапуни, има уште и ќе има – човекот учи додека е жив! Морам да споменам дека кога сум била во финансиска криза, кога не сум добивала плата, сум заработувала од ракотворство, но ми помагале и пријателите. Јас ја ценам рачната работа и секогаш купувам за сефте кај колегите кога ќе ги сретнам на базарите.
ММ: Како би се опишале себе си – вашиот стил, водечката инспирација за создавањето, највпечатливиот момент, личното чуство на успех?
Себеси би се опишала како кретивен бунар. Ставаш, ставаш, ставаш, а кога ќе извадиш, како студена вода во летна горештина, те враќа во живот. Откривањето на нови техники ми дава енергија, живот, смисол во слободните моменти и лек во менталните и душевни кризи. Одлично се справувам со сите предизвици на ракотворството, тоа ме исполнува, а јас го надградувам.
ММ: Како би ја опишале модната сцена во Македонија, каде е во споредба со сцената во регионот, како таму се работи – има ли разлики во пазарот?
Јас не сум поборник на шаблони. Не сакам кога луѓето во една сезона сите се облекуваат по ист терк, затоа што било модерно. Јас сакам свој печат да има секој, па дури и тој што нема сенс за мода. Треба да си стави или облече нешто што смета дека му одговара. На тој начин ќе се чуствува сигурно и добро ќе го носи. Ако се вовлечеме во нешто што е модерно, а не е удобно, изгледа смешно и невкусно. Долги години мајка ми ја шиеше мојата гардероба, а јас ја креирав. Така си бев единствена во стилот, со детали кои се трендовски. Мислам дека многу луѓе во Македонија се обелкуваат во она што им го нудат брендовите во нашиот најголем трговски центар. Не велам дека треба да се игнорира сето тоа, но треба да се комбинира со нешто свое. Слично е и во земјите во регионот.
ММ: Треба ли да се верува дека соништата се остваруваат кога ќе станеме достојни за нив. Кои се вашите за годинава?
Треба да се сонува, да се мечтае, но и да се посегне по остварувањето. Затоа треба да ставиме пријатен мирис, да го зачиниме со парфем нашиот живот за да имаме убави соништа и полесно да ги отсонуваме. Треба да сонуваме во боја и да сонуваме храбро.
„Сите наши соништа можат да станат реалност, ако ја имаме храброста да ги следиме.“ – Волт Дизни / M.M.