Добро познатото црвено  вино „Т’га за југ“ – берба 2019-та, од ВВ „Тиквеш“, доби двоен златен медал на најголемиот и најпрестижен кинески вински натпревар кој се одржа во Хонг Конг – „China Wine & Spirits Awards Best Value 2021“. Покрај ова највисоко признание, со злато беа наградени и „Vranec Special Selection“ од бербата 2018; „Cabernet Sauvignon Special Selection“ 2019-та, како и „Domaine Lepovo Grand Cuvée“ од 2016-та. Сребрен медал беше доделен за „Vase de Pierre“ од 2018-та, а бронзен на „Тerrasse a l’Ombre“ од бербата во 2018-та.

Двојниот златен медал, што претставува највисоко признание кое се доделува на овој вински натпревар, „Т’га за југ“ го освои во конкуренција со најпознатите светски вински брендови кои се селектирани и оценувани од тим од 100 вински судии, номинирани од најголемите увозници на вино, ресторани и специјализирани продавници во Кина, кои годишно увезуваат вино во вредност од над 20 милијарди долари. Во процесот на издвојување на вината со најголема вредност, се оценува нивниот квалитет, а се зема предвид и цената. Освоените награди претставуваат препорака за вината и информација за потрошувачите за тоа кое вино нуди најголема вредност во однос на цената и квалитетот.

Оценувачите на „China Wine & Spirits Awards Best Value 2021“ заедно продаваат годишно 75 милиони шишиња вино и алкохолни пијалаци, со што овој натпревар станува највлијателен за продажба на вино и алкохолни пијалоци во светот.

Ова е втор меѓународен натпревар годинава на кој ВВ „Тиквеш“постигнува значителен успех со своите вина. Имено, на мартовскиот „Мундус Вини“ во Германија, вината на „Tikveš Châteaux & Domainеs“ освоија три златни медали и две специјални награди.

ВВ „Тиквеш“ е најнаградуваната винарија во поширокиот регион, со освоени 130 награди и признанија на реномирани меѓународни вински натпревари во 2020-та година./М.М.

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.