„Couture“ во срцето на Анџелина Џоли е во главната улога во новиот филм „Couture“, емотивна драма сместена во светот на високата мода, која ги поврзува приказните на три жени со различни животни патишта, но со заедничка точка – Париз и модната индустрија.
Филмот ја следи Максин, позната американска режисерка која пристигнува во Париз за да работи на проект поврзан со високата мода. Нејзиниот професионален ангажман, сепак, се претвора во лично соочување со тешка дијагноза – рак на дојка.
Посебна карактеристика на „Couture“ е неговата визуелна автентичност. Модната куќа Chanel е официјален партнер на проектот, а режисерката пред создавањето на филмот поминала околу година и половина запознавајќи го начинот на работа на луѓето во високата мода. Најавата на филмот е на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=5XNuytIE4sg
Благодарение на партнерството со Chanel, дел од снимањето се одвивало во историските ателјеа и приватните простории на модната куќа на Rue Cambon во Париз. Дополнително, сцените од модните ревии се снимени за време на вистинската Париска модна недела, што му дава на филмот автентична, речиси документарна атмосфера.
„Couture“ беше претставен пред меѓународната публика на фестивалот во Торонто, каде што критиката имаше поделени реакции за структурата и темпото на приказната. Сепак, изведбата на Анџелина Џоли се издвојува како една од највпечатливите страни на филмот.
Улогата на Џоли носи дополнителна емотивна тежина поради нејзиното лично искуство. Актерката во 2013 година се подложи на превентивна двојна мастектомија, откако открила дека носи генетски ризик за развој на рак на дојка.
Покрај Максин, приказната ги следи и Ада, млад модел од Судан и поранешна бегалка, како и Анжел, талентирана шминкерка која работи зад сцената, но сонува да стане писателка. Преку нивните приказни, филмот ги прикажува различните лица на модниот свет – од блескавите ревии и гламурот до притисокот, несигурноста и невидливата работа на луѓето зад сцената.
Со комбинација од висока мода, парискиот гламур и интимни женски приказни, „Couture“ нуди поинаков поглед кон индустријата која најчесто се поврзува со раскошот и совршенството – откривајќи го светот зад рефлекторите и луѓето кои стојат зад модниот спектакл./M.M.
Фото: Couture



















