Француската модна куќа Jacquemus ја претставува колекцијата Le Palmier за есен/зима 2026 преку нова кампања снимена во Мајами, со супермоделот Ева Херцигова. Палмите и пастелната архитектура создаваат живописна сценографија за колекцијата во која француската елеганција се спојува со ретро гламурот.
Кампањата ја фотографираше Дуди Хасон, а во неа се препознава естетиката на креативниот директор на модната куќат, Симон Порт Жакемис. Наместо класична, сериозна презентација, модните фотографии со внимателно избраните детали остануваат во центарот на вниманието.
Меѓу впечатливите модели е бел костим со здолниште, нагласена половина и пеплум кој преминува во заоблена, скулптурална форма. Друг изглед носи поинаква енергија – кратка црна кожна јакна со заоблени ракави и тесно здолниште до колената.

Црната и белата дополнително ги истакнуваат формите и пропорциите, додека големите геометриски обетки и структурираните црни чанти ја нагласуваат драматичноста на изгледот.
Le Palmier се поигрува со различни модни периоди: нагласената половина и волуменот потсетуваат на високата мода од педесеттите години, тесните силуети внесуваат дух на деведесеттите, а театралноста се поврзува со француската филмска и телевизиска естетика на осумдесеттите.

И самото име на колекцијата има лична приказна: инспирацијата потекнува од фризурата на ќерката на Жакемис, која го потсетува на палма. Таа мала семејна асоцијација прераснала во идеја што го определува карактерот на целата колекција.
Со Ева Херцигова како заштитно лице и Мајами како сценографија, Jacquemus создава кампања во која префинетото кроење и скулптуралните форми се среќаваат со разиграноста и топлата атмосфера на градот.
Фото: Jacquemus







