МодаТрендови

Драмата и фантазијата на париската висока мода

Париската недела на високата мода уште еднаш покажа дека couture не е само прашање на облека, туку и на идеи, културен контекст и авторски став.

Штотуку завршената Париската недела на високата мода – Haute Couture Week, на  која беа претставени најновите колекции за сезона пролет/лето 2026 година. помина во атмосфера на интензивен, креативен дијалог и визуелен спектакл. Во таа насока париската haute couture недела беше и своевидна платформа со повеќеслојно значење, со уметничка изразност и одраз на динамиката на светот на луксузната мода денес.

На настанот, организиран и координиран од Федерацијата за висока мода (Fédération de la Haute Couture et de la Mode), бројни салони и палати низ градот беа претворени во подиуми и изложбени простори за специјални ревии и презентации што ја прославуваат рачната изработка, иновацијата и уметничкиот израз во модата.

Официјалниот календар вклучуваше очекувани имиња како Chanel, Christian Dior, Schiaparelli и Valentino кои, секоја на свој начин, го привлекоа вниманието и на стручната модна јавност и на пошироката културна сцена, потврдувајќи дека haute couture и понатаму е простор за симболика и авторска визија.

Valentino

Alessandro Michele, кој го отвора новото поглавје во Valentino, ја претстави својата couture визија како јасна и емотивна почит кон основачот на куќата, Валентино Гаравани. Колекцијата беше замислена како омаж на „стар Холивуд“, со нагласена театралност, богати силуети и внимателно изградено чувство за гламур што не се потпира на трендови, туку на вечна елеганција. Преку раскошни ткаенини, драматични линии и детална изработка, Michele воспостави дијалог меѓу сопствената препознатлива естетика и архивите на Valentino, создавајќи колекција што истовремено гледа наназад и храбро чекори напред. Модната ревија е на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=7KleXMtVBSs

Chanel

Сосема поинаков, но подеднакво впечатлив тон донесе дебито на Matthieu Blazy за Chanel Couture. Неговата прва колекција за легендарната француска куќа беше претставена како модна бајка, во која фантазијата, прецизната изработка и симболиката играат централна улога. Колекцијата се движеше меѓу сонот и реалноста, со силуети што ја слават женственоста и занаетчиството, но и со јасна современа чувствителност. Blazy успеа да го зачува ДНК-то на Chanel, препознатливо по рафинираната елеганција и суптилниот луксуз, додека истовремено внесе нова енергија и свеж визуелен јазик. Ревијата беше доживеана како увертира во една нова фаза за Chanel, во која традицијата не е товар, туку инспирација за имагинација и раскажување приказни.Модната ревија може да се проследи на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=rstowmKp4Jo

Dior

Во Dior, пак, Jonathan Anderson го искористи своето деби во couture за да понуди концептуално поинаков пристап, фокусирајќи се на врската меѓу модата, природата и телото. Неговата колекција, симболично опишана како „touches grass“, го нагласи враќањето кон основните, органски вредности, но филтрирани низ прецизност и интелектуален дизајн на couture. Anderson ја истражуваше идејата за контактот со природата не како буквална естетика, туку како ментален и културен став, користејќи форми, материјали и пропорции што ја преиспитуваат класичната couture силуета. Резултатот беше колекција што делува смирено, но длабоко промислено, позиционирајќи го Dior како куќа отворена за експеримент и современа интерпретација на луксузот.Линк до ревијата: https://www.youtube.com/watch?v=yAfLIFxs5fY

Schiaparelli

Клучните моменти од колекцијата на Schiaparelli беа обележани со изразени скулптурални форми и фантастични детали илустрирајќи ја традицијата на авангардна и надреална естетика. На пистата во Petit Palais беа прикажани креации што асоцираа на форми од животинскиот свет, особено рептили и птици, како и скулптурални продолжетоци што наликуваат на опашка, инспирирани од скорпијата, создавајќи силен визуелен спој на закана и убавина. Во одделни модели доминираа пердуви, нагласени волумени и конструктивни елементи што потсетуваат на живи суштества, со што јасно се нагласува тенката линија меѓу модата и перформансот како уметнички израз. Ликн до модната ревија: https://www.youtube.com/watch?v=5aFWNrRG7qw

Колекцијата на Schiaparelli јасно потврди дека таа не се откажува од својата историска улога како еден од најсмелите и најкреативни столбови на haute couture.

Фотографии: сајт на Schiaparelli , Instagram Dior, Chanel, Vogue Valentino couture

More in:Мода

You may also like

Comments are closed.