Четиридневен настан со домашни уметници и креативни брендови, накит, козметика, уметнички и гастро-производи
Во пресрет на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, од 5 до 8 март на приземјето на Скопје Сити мол ќе се одржува голем осмомартовски базар под слоганот „За таа што ти е сè“, настан кој ги обединува домашните креативци и ракотворци во заедничка прослава на жената, креативноста и автентичната рачна изработка.
На базарот ќе учествуваат бројни препознатливи и докажани брендови и автори од областа на дизајнот, занаетчиството и уметничката рачна изработка, меѓу кои Solar creations, СОС Детско село, Coral Jewelry, LaSoy & LA CHA, Медена, Stardust Kejt Rakotvorbi, tilia.organica, Тиноски, Добро ми стои, M&M Luxury Soap Bouquet, Nebula jewelry, Игнеа козметика, Монкдолс, CustomCakes од Бојана Митовска, Small piece of joy, Epoxy handmade by clay, Елена Ристовска, MORPHO, Шарено ќоше, ByMimiCosmetics, Јулија Барбун, marcy_s_handmade, Џули декупаж, Јуник корнер, кожарската работилница Карло Хорват, Filigree LARGO, Botanikly, Филигран од срма Софија и Витрум студио.
Настанот „За таа што ти е сè“ има за цел да понуди поинаква, автентична алтернатива за избор на подарок за 8 Март, фокусирана на личната приказна, квалитетната изработка и поддршката на локалните креативци. Наместо масовно произведени производи, базарот ја става во преден план вредноста на уникатното, рачно создаденото и емотивно значајното.
Покрај продажниот сегмент, базарот претставува и простор за директна средба меѓу авторите и публиката, можност за разговор, запознавање со процесот на создавање и инспирацијата зад секое дело. На тој начин, настанот прераснува во платформа за афирмација на домашната креативна сцена и зајакнување на свеста за значењето на занаетчиството и дизајнот во современиот културен и економски контекст.
Осмомартовскиот базар „За таа што ти е сè“ ќе биде отворен до 8 март, нудејќи можност за внимателно одбран подарок со вистинска емоција, во духот на празникот посветен на жената.




















