Најновото издание на легендарното Victoria’s Secret Fashion Show се одржа синоќа, во Brooklyn Navy Yard, во Њујорк, претворајќи ја модната писта во сценска приказна за силата, убавината и различноста на жената денес.
Ревијата, структурирана со тема од ден до ноќ беше симболична метафора за патувањето на Victoria’s Secret од светот на традиционалниот гламур кон автентична, реална и самоуверена женственост. Во атмосфера на розова светлина и празничен раскош, гостите пристигнуваа со организиран превоз, а на сцената како домаќинка повторно се појави Тајра Бенкс, која го најави новото модно поглавје на брендот.

Најемотивниот момент на вечерта го донесе Jasmine Tookes, која по осми пат настапи за брендот, овојпат и бремена. Нејзиниот настап беше поздравен со громогласен аплауз, како симбол на живот, зрелост и сила. На пистата се појавија и иконите Адријана Лима, Кендис Свонпул, Лили Олдриџ, Џоан Смолс и Џиџи Хадид,создавајќи совршен спој на минатото и сегашноста. Вечерта ја обележаа и новите лица на брендот, меѓу кои Анок Јаи, Јуми Ну Алекс Консани, кои ја претставија новата визија на Victoria’s Secret – визија што ги прифаќа сите облици на убавина. Историски настап имаа и професионалните спортистки Ангел Рис и Суни Ли, кои станаа првите атлетски имиња што некогаш чекореле на оваа писта. Со својата самодисциплина и шарм, тие ја пренесоа пораката дека женската сила може да биде и атлетска и елегантна, без ограничувања.

Музичката програма беше вистинска експлозија на енергија: Madison Beer за првпат ја изведе својата нова песна Bittersweet, а публиката ја награди со стоечки овации. Настапот на Cher со класиката Believe ја претвори салата во еден голем танц – потсетувајќи зошто ова шоу отсекогаш било симбол на самоуверена женственост.
Меѓу публиката во првите редови беа присутни Кејт Мос, Палома Елсесер, Ешли Греам, Бела Хадид и Тајла, што дополнително ја потврди статусната тежина на настанот. Експертите од модната индустрија го оценија враќањето како „повеќе суштинско отколку спектакуларно“ – не толку заради помпата, колку заради пораката што ја носи.

Victoria’s Secret оваа година успеа да направи нешто што ретко му успева на бренд со такво наследство: да го сочува својот препознатлив гламур, но да го надгради со автентична човечност. Поранешниот симбол на совршеното тело сега стана платформа што ја слави секоја жена, во секоја фаза од нејзиниот живот.

Со ова враќање, Victoria’s Secret не само што ја врати магијата на своите легендарни писти, туку и испрати јасна порака дека убавината повеќе не е дефинирана со мерки, туку со став, уверување и сила. Крилјата, очигледно, повторно летаат – но овојпат носат поинаква, повозвишена порака.
Ревијата може да се проследи на следниот линк:
Фото: Официална страна на Victoria’s Secret




















