На изборот Miss & Model Teen Galaxy 2026, Нина Црнокрак, Лина Настевска и Ангела Ваневска освоија први места во своите категории
Минатиот викенд во Банско, Бугарија, во рамки на интернационалниот избор Miss & Model Teen Galaxy 2026, младите претставнички од Македонија остварија исклучителен успех, освојувајќи три први места во различни категории и потврдувајќи го континуитетот на домашната модна сцена на меѓународни натпревари.
Финалната вечер се одржа на сцената на Националниот театар во Банско, каде што македонските претставнички настапија рамо до рамо со учеснички од повеќе земји. Во силна конкуренција, 14-годишната Нина Црнокрак и 17-годишната Лина Настевска триумфираа во категоријата модел, додека 15-годишната Ангела Ваневска ја освои титулата во категоријата мис.
Дополнителен успех за македонскиот тим беше постигнат и во сегментот на модниот дизајн. Вечерниот фустан потпишан од Елена Лука, носен од Лина Настевска, беше избран за најдобар во конкуренцијата на вечерни тоалети, што претставува уште едно признание за домашната модна креативност на меѓународната сцена.
За настапот на финалето, македонските претставнички беа облечени во креации специјално изработени од неколку домашни модни ателјеа, меѓу кои Наташа Ал Апарел, Атеље Жана, Елена Лука и Атеље Ленче.
Сите три учеснички се членки на Модното студио Црнокрак, кое ја поседува националната лиценца за овој престижен избор за убавина и модели. Нивниот успех во Банско се смета за уште една потврда за посветената работа на студиото и за потенцијалот на младите македонски модели на меѓународната сцена.
Организатор на настанот е INTERSOUND, најстарата модна агенција во Бугарија, која со години го организира овој избор, привлекувајќи млади таленти од различни земји и промовирајќи ги во светот на модата и на убавината.
Фото: Црнокрак студио




















