МодаТрендови

Pitti Uomo 109 – почеток на нова машка елеганција

Машката мода во 2026-та се движи кон удобност – со пошироки силуетии, враќање на кројот и фокус на материјалите

Најновото, 109-то издание на престижниот Pitti Immagine Uomo во Фиренца, што во комплексот Fortezza da Basso се одржа минатата недела, уште еднаш ја потврди својата позиција на централна меѓународна платформа за машката мода, иновации и креативeн дијалог. Над 700 брендови од целиот свет, од кои речиси 44 проценти се интернационални изложувачи, ги претставија колекциите за сезоната есен-зима 2026/2027 пред илјадници купувачи, модни професионалци, новинари и креативци од повеќе од сто земји.

Темата на оваа едиција беше „Motion“ – движење, трансформација, еволуција – концепт што организаторите го дефинираа како суштински одраз на современиот моден и културен момент.

Еден од најзначајните акценти на годинашната програма беше специјалниот проект на јапонскиот дизајнер Шиња Козука и неговиот бренд Shinyakozuka, кој во рамките на официјалната програма реализира ревиска презентација во соработка со Japan Fashion Week Organization. Настапот на Shinyakozuka беше еден од најочекуваните моменти, не само поради неговата естетска различност, туку и поради концептуалната длабочина што брендот ја носи во рамките на современиот menswear.Од таму, ревиската презентација наликуваше на визуелен расказ во кој силуетите, материјалите, пропорциите и движењето на моделите создаваат целосен наратив.

Сајмот повторно го активираше и Scandinavian Manifesto, курирана платформа за современа скандинавска машка мода, како и China Wave, посветена на новата генерација кинески брендови. Меѓу новините на оваа едиција е и воведувањето на сегментот HiBeauty, посветен на парфемерија и селектирана beauty-култура, со што Pitti Uomo јасно ја следи трансформацијата на современ concept stores и на мултидимензионален пристап кон стилот и идентитетот.

Врз основа на она што беше прикажано и на општата европска слика за сезоната есен–зима 2026/2027, машката мода јасно се движи во неколку паралелни, но меѓусебно поврзани насоки.

Првин, се враќа кројот и тоа во омекната форма. Костумите се пошироки, со спуштени раменици, подолги сакоа и флуидна линија. Строгата конструкција се заменува со чувство на удобност и природно движење. Тоа се гледа кај Lardini, Kiton, De Bonne Facture, но и кај Hed Mayner и Shinyakozuka, секој на свој начин.

Волуменот станува централна естетика. Палтата се подолги и пошироки, панталоните се со изразена ширина во ногавиците, често со висок струк, а силуетата добива архитектонска димензија. Ова не е само естетски избор, туку реакција на замор од тесната, телесно контролирана мода на претходните години. Волуменот се чита како слобода, удобност и зрелост.

Од материјалите доминираат: волна, твид, лен, кашмир, тешкиот памук, густите плетени структури, како и техничките ткаенини со мат финиш. Боите се смирени, но не и здодевни. Основата ја сочинуваат земјени тонови: кафеава, сива, беж, маслинесто зелена, темно сина, боја на вино… Но над таа мирна основа се појавуваат и внимателни акценти: валкано жолта, изгорено портокалова, темна виолетова и окер.

Функционалноста станува клучен елемент. Многу брендови покажаа парчиња што се инспирирани од workwear, outdoor и utilitarian естетиката: јакни со повеќе џебови, трансформирачки палта, облека што може да се носи на повеќе начини, слоевитост која има практична, а не само визуелна улога. Ова особено се гледа кај Roy Roger’s x Kappa, скандинавските брендови и дел од германските и јапонските учесници.

Концептуалната мода не исчезнува, туку коегзистира со комерцијалната. Присуството на Shinyakozuka, Soshiotsuki и Hed Mayner јасно покажа дека пазарот сè уште има простор за интелигентна, тивка, но силна авторска мода. Ова влијае и врз пошироката сцена: дури и комерцијалните брендови почнуваат да прифаќаат повеќе поетски, повеќезначни и неконвенционални елементи.

Сублимирано, машката мода за есен–зима 2026 повеќе не се обидува да биде „млада по секоја цена“. Таа станува позрела и послоевита. Машката силуета јасно се оддалечува од телесно нагласената, тесна форма и се движи кон поширока, поопуштена и архитектонска линија. Наместо силуета што го контролира телото, доминира силуета што му дозволува простор — визуелно зрела, самоуверена и современа./M.M.

More in:Мода

You may also like

Comments are closed.