Самиот збор “origin” значи потекло, извор, почеток, корен или појдовна точка од каде што нештото започнува со својот тек или постоење. Токму затоа во оваа колекција метафорично се претставува досегашниот пат на Занов, една мала ретроспектива, од самите почетоци до сегашноста, која ги вклучува значајните моменти, елементи, емоции и промени.

“Origin” е приказна која раскажува за минатото, сегашноста и иднината… Колекција која е спој од старото, новото и непознатото, создадена од моментите на среќа, тага и љубов и инспирирана од убавината, која се наоѓа таму каде што најмалку очекувате, или каде што никогаш порано не сте здогледале, длабоко во себе, во своето „јас“. Што е тоа што не прави посебни? Што е тоа што не прави уникатни?
Ова е приказна за индивидуалноста, за тоа кои сме и што сме, за нашата ДНК, за патот кој сме го изодиле и допрва ќе го одиме и предизвиците и промените кои ни ги донел и ќе ни ги донесе животот, а низ промените го чувствуваме присуството на животот. Самиот збор “origin” значи потекло, извор, почеток, корен или појдовна точка од каде што нештото започнува со својот тек или постоење. Токму затоа во оваа колекција метафорично се претставува досегашниот пат на Занов, една мала ретроспектива, од самите почетоци до сегашноста, која ги вклучува значајните моменти, елементи, емоции и промени.
Внимателно слушајќи ги своите емоции, колекцијата го прикажува заштитниот печат, карактеристичните бои, материјали, форми, кроеви и текстури… односно ДНК-та на брендот. Содржи 15 автентични изгледи, познати креации во ново руво, актуелни креации и нови креации како најава за тоа што допрва доаѓа.
Овој спој на креации, не резултира од акт на мислење, туку од акт на чувствување. Палетата на бои, ги вклучува препознатливите жолта, портокалова, црвена и циклама, како и монохроматските црна и бела. Рачната изработка е од неминовен аспект, а кроевите се строги, линиите остри, формите минималистични но скулптурални, со нагласена „песочен часовник“ силуета.

Митко Занов

Колекцијата ја надополнуваат модни додатоци како рачно изработени опера ракавици, модни украси за на глава, транспарентни шешири и капи, доработени со текстура од пердуви. Материјалите во колекцијата се од различен спектар, кожа и еко-кожа доработени со метални детали, штоф, чоја, кепер, тул, трико… Колекцијата располага со голем асортиман на модели, вклучувајќи фустани, здолништа, сакоа, панталони, препознатливите „Занов“ корсети, капути итн.
Дизајнерот Митко Занов, кој стои позади брендот „Занов“, своите студии ги има завршено на факултетот за Дизајн и мултимедија, при Универзитетот ФОН, Скопје и уште во текот на студирањето, се здобива со многубројни ангажмани, изложува на групни ревии, изложби, и едиторијали, како и соработки со бројни естрадни личности и ангажмани во областа на костимографијата, во и надвор од државата. Професионално и самостојно, брендот „Занов“, за првпат се појавува на македонската модна сцена на Моден викенд Скопје 2015 година, сезона есен/зима, претставувајќи ја својата авторска колекција „Голата Мугра“. Од тогаш до денес, „Занов“ веќе шест години активно работи, креира и создава, а позади себе брои десет колекции, женствени, уникатни и автентични за неговиот стил. Карактеристично за „Занов“ е совршениот спој на меки и груби материјали, прецизноста во кројот, истакнувањето на женските облини, умешноста да се работи со јаки бои, како и изработка на уникатни дизајни кои се целосно рачно изработени, без употреба на машина за шиење, за кои е посветено многу внимание, трпение и љубов. Овие уникатни креации се веднаш препознатливи и секогаш ги одбираат клиенти со изграден стил, кои сакаат да носат несекојдневна облека./М.М.

Занов

 

Занов

 

Занов

 

Занов

Занов