Холивуд пред историска пресвртница: Netflix и Paramount во трка за преземање на Warner Bros. Discovery
Светската филмска и медиумска индустрија се соочува со една од најголемите и највлијателни корпоративни пресметки во својата историја, откако две глобални сили – стриминг гигантот Netflix и студиото Paramount Skydance – влегоа во отворена трка за преземање на Warner Bros. Discovery, компанија што ги обединува некои од најмоќните брендови и франшизи во Холивуд.
Процесот официјално започна на почетокот на декември, кога Netflix објави дека постигнал договор за купување на филмските и телевизиските студија на Warner Bros., како и стриминг-платформата HBO Max, во трансакција вредна околу 82 милијарди долари. Зделката опфаќа богат каталог на содржини и права, вклучувајќи ги франшизите Harry Potter, DC Studios, како и низа телевизиски продукции што со децении ја обликуваат глобалната поп-култура. Според најавите, договорот е условен со регулаторни и акционерски одобренија и, доколку биде потврден, би требало да се финализира во текот на 2026 година.
Но, само неколку дена подоцна, сцената драстично се промени. Paramount Skydance, со силна финансиска поддршка од инвестициски кругови поврзани со технолошкиот сектор, излезе со неочекувана и значително повисока понуда – целосно готовинска тендер-оферта за целата компанија Warner Bros. Discovery. Со цена од 30 долари по акција, оваа понуда ја проценува вредноста на компанијата на повеќе од 108 милијарди долари, што ја прави досега највисоката понуда во оваа трка и сериозен предизвик за плановите на Netflix.
Раководството на Warner Bros. Discovery потврди дека ја примило понудата на Paramount и најави дека Управниот одбор ќе ја разгледа во законски предвидениот рок, по што ќе даде препорака до акционерите. Во меѓувреме, акциите на компанијата забележаа раст, додека пазарите внимателно ја следат можната ескалација на конфликтот меѓу двата табора.
Оваа борба далеку ја надминува рамката на обична деловна трансакција. Аналитичарите предупредуваат дека евентуалното преземање на Warner Bros. Discovery од страна на Netflix би можело дополнително да ја зацврсти доминацијата на стриминг-платформите и да го промени односот меѓу киноприкажувањето, телевизијата и дигиталната дистрибуција. Од друга страна, поддржувачите на понудата на Paramount тврдат дека класичното студиско управување нуди поголем баланс меѓу креативната продукција и пазарната конкуренција.
Дополнителна тежина на процесот му дава и вклучувањето на политичкиот фактор. Во САД веќе се отворија дебати за антимонополските последици од ваква концентрација на медиумска моќ, а регулаторните тела најавуваат темелни проверки без оглед на тоа која понуда ќе надвладее.Американскиот претседател Доналд Трамп јавно се вклучи во дебатата околу одобрувањето на зделката, изразувајќи загриженост околу доминацијата на Netflix на глобалниот пазар и потенцијално влијание преку медиумски платформи како HBO Max,
Како и да заврши оваа корпоративна битка, јасно е дека Холивуд се наоѓа на прагот на длабока трансформација. Одлуката за иднината на Warner Bros. Discovery нема да влијае само врз сопствениците и инвеститорите, туку и врз начинот на кој филмовите и сериите ќе се создаваат, дистрибуираат и гледаатаат во годините што доаѓаат./M.M.




















