
Панталоните со широки ногавици годинава се главен тренд кај машката мода. Колекциите прикажани на Неделата на машката мода во Милано го истакнуваат овој тренд, правејќи ги силуетите со панталони со широки ногавици главен избор за различни пригоди.
Последниве години, за овие панталони немаше место на модните писти. Мораа да „отстапат“ пред многу попопуларните тесни панталони, кои станаа омилени на повеќето мажи. Сепак, на радост на оние кои се чувствуваат непријатно во фармерки и панталони припиени до нивните нозе, од модните куќи стигнаа добри вести: широките, комотни панталони се повторно на модните писти.
Така, фармерките и широките панталони, од црн или тегет штоф, што лесно се вклопуваат во постојната гардероба, топло се препорачуваат за оние кои пролетва сакаат убаво да се чуствуваат, со одбраниот моден тренд.
Прва од серијата сезонски модни недели, Milano Fashion Week е потврда дека машката мода има важно место во модната индустрија, а дека трендовите привлекуваат големо внимание.
Мега брендовите како Dolce & Gabbana, Emporio Armani и Prada, имаа исклучителни настапи за кои беше посочено дека и во модна и во презентациска смисла го потврдуваат лидерското место на италијанската модна индустрија во светски рамки.
Dolce & Gabbana
Во препознатливата естетика од времето на филмот La Dolce Vita, на Federicо Fellini, современо преобликувана од Dolce & Gabbana, доминираа широки фармерки комбинирани со макси крзно, како и блескави смокинзи со естетика на исклучително дотеран маж.
Emporio Armani
За Giorgio Armani идејата на заведувањето и на значењето на облеката во привлекувањето, била доминантна во создавањето на најновата колекција на Emporio Armani. Првиот чекор бил избор на врвни ткаенини, на сомот и брокат, а потоа и на естетиката која оживува визија на маж кој добро знае да носи фукционална, комотна но и глам облека.
Prada
Крзнените палта и бунди, тесните маици и комотните, шарени панталони се желба на Miuccia Prada и Raf Simons, на дизајнерското дуо на Prada, сите да ги потсети на клупската атмосфера, дружењето и – на слободата на облекувањето. Дури и кога станува збор за спојување на неспоивото, што на крајот станува извесно, потребно и вистинито.
Giorgio Armani
На миланската модна недела модниот великан Giorgio Armani претстави две свои колекции: за Emporio Armani и за брендот Giorgio Armani. Тоа е вистински подвиг на модниот маестро кој годината, во која полни 90 години, ја започнува со две моќни модни ревији.
Колекцијата за Giorgio Armani е поделена на полежерни и елегантни изгледи, кои ги има во изобилство во зимски ткаенини, како кадифе и сомот. Марамите ги заменија вратоврските, а класичната естетика на Armani беше заокружена со фино плетени парчиња./М.М.