Првиот вистински пловечки островски град во светот, со футуристички пејзаж од соништата, во 2024 ќе ги прими првите жители.
Архитектонското студио Waterstudio и Малдивите реализираат проект чија цел е изградба на прв пловечки град што ќе има облик на мозок и во кој ќе можат да се сместат околу 20.000 луѓе. Првиот пловечки град ќе се наоѓа во лагуна, во близина на главниот град на земјата.
Во овој град, наречен Maldives Floating City ќе бидат изградени 5.000 пловечки куќи, на простор од 200 хектари. Како што се подига нивото на морето, така ќе се зголемува и градот, кој ќе биде изграден врз низа пловечки структури во шестоаголна форма.
За потребата од изградба на вакви живеалишта говори податокот според кој дури осумдесет проценти од Малдивите се сместени на помалку од еден метар надморска височина.
Поради зголемувањето на нивото на морето се предвидува дека до 2100 година островите на Малдивите ќе бидат непогодни за живеење. Со вакви проекти, Владата на Малдивите верува дека ќе успее правовремено да понуди алтернативни решенија.
Maldives Floating City, чија изградба започнува есенва и во кој ќе можат да се сместат околу 20.000 локални жители и странци, ќе биде завршен во 2024 година.
„Овој прв град од ваков вид нуди револуционерен пристап кон модерното одржливо живеење поставено на позадината на азурниот Индиски Океан“, велат од студиото.
Maldives Floating City е меѓу бројните предлози за пловечки град, заедно со Oceanix Busan на архитектонските фирми BIG и Samoo и технолошката компанија Oceanix, кои се дизајнирани да понудат решение за домување, поради зголемувањето на нивото на морето и зголемувањето на глобалната температура./М.М.