TheraFace Mask Glo – технологијата и дерматологијата
Супермоделот Кендал Џенер е новата глобална амбасадорка на Therabody, и ја предводи кампањата за нивната најнова LED маска за лице, TheraFace Mask Glo. Кампањата, наречена Glo Your Own Way, го спојува светот на високата мода со иновациите во медицинската козметологија, прикажувајќи ја Џенер како пример за современа и информирана за технолошките можности за нега на лицето.
За потребите на кампањата, брендот организираше креативни интерактивни активности, меѓу кои и „Kendall Cab“ во Лондон, кадешто минувачите можат да искусат кратки, 12‑минутни сесии со LED маската. Со овој чекор, Therabody ја позиционира својата нова технологија како достапна, модерна и стилска опција за домашна терапија, користејќи го влијанието на Џенер за да ги доближи науката и трендот до пошироката публика.
Инаку, LED маските за лице не се новост, но во последните неколку години доживуваат вистинска ренесанса, особено како дел од поширокиот бран на т.н. beauty tech и домашна медицинска козметологија. Иако денес се промовираат како врвна иновација во подмладувањето и неинвазивната нега, нивната технологија има длабоки научни корени кои датираат повеќе децении наназад.
Имено, почетоците на LED светлосната терапија се поврзуваат со истражувањата на NASA при што е утврдено дека црвената и блиску-инфрацрвената светлина можат да ја поттикнат регенерацијата на ткивата и заздравувањето на рани. Првично применувана во медицината и физиотерапијата, оваа технологија постепено се префрла и во дерматологијата, каде што наоѓа примена во третманите за акни, воспаленија, фотостареење и губење на еластичноста на кожата.
Основата на LED маските е употребата на прецизно дефинирани бранови должини на светлина, кои предизвикуваат биолошки одговор во кожата. Она што ја одбележува актуелната фаза на развој, особено во 2024 и 2025 година, не е толку самата технологија, колку нејзиното техничко усовршување. Новите генерации LED маски нудат поефикасно делување на целата површина на кожата. Истовремено, се воведуваат пред-програмирани третмани со точно дефинирано времетраење и интензитет, што ја намалува можноста за неправилна употреба.
Во овој контекст, модели како TheraFace Mask Glo се издвојуваат како пример за т.н. „втора генерација“ на домашни LED маски. Тие комбинираат различни светлосни режими со дополнителни функции, како блага вибрација за поттикнување на микроциркулацијата, и се дизајнирани да се користат како дел од секојдневна рутина./М.М.
Фотографии: Therabody



















