Во просторите на Интернационалниот Институт За Мода ”Изет Цури”, што се наоѓа во Старата Чаршиа, на 30.06.2021 година, ќе биде отворена изложбата на студентите на Институтот, насловена како „La Mode En Peinture”.
На изложбата ќе бидат преставени делата создадени од младите модни дизајнери во текот на оваа академска година.
Интернационалниот институт за мода Изет Цури е резултат на благородна визија на основачот за пренесување на знаењето и акумулираното професионално искуство на младите генерации од земјава и регионот.
Во 2020 година Институтот го прослави петгодишниот јубилеј на успешно постоење. Овој институт стана синоним за врвни стандарди во обучувањето на идни дизајнери, како од технички аспект (моделизам), така и од аспект на дизајнерска обука (стилизам) и оспособување за независна дизајнерска работа. Како доказ за ваквото тврдење сведочат не само успешните годишни школски презентациина, кои привлекуваат огромно внимание на јавноста и медиумите и по својата природа се единствени на територијата на Република Северна Македонија и пошироко, туку и многуте успешни професионални приказни на некогашните студенти.
Дел од нив се на стручна пракса во светските луксузни модни куќи.
Во изминатите шест години постоење, Интернационалниот институт за мода Изет Цури успеа да создаде стручен тим на наставници, докажани професионалци во нивната потесна дизајнерска област, а голем дел од нив се со едукација во некој од светските дизајнерски центри и интернационално работно искуство. Институтот иста така ангажира и интернационални предавачи. Ваквата кадровска конципираност е уште еден предуслов за успешно одвивање на наставата и формирање на модни дизајнери.
Програмата на институтот е направена според искуствата на водечките светски училишта, според реалните потреби за стручно образование на модни дизајнери и според позитивните интернационални искуства на наставниците. Благодарение на нејзината широчина, идните модни дизајнери се оспособуваат за работење на локалниот и интернационалните пазари и се во можност да се фатат во костец со сите предизвици што динамичната модна индустрија знае да ги постави во текот на извршувањето на професионалните обврски.
Една од уникатните карактеристики на овој институт е изучувањето на мулаж техниката во конструкцијата на облека и финото шиење, благодарение на богатото искуство на господинот Цури. За време на студиите, студентите градат портфолио, што ги прави конкурентни на пазарот, додека ги одат првите професионални чекори.
Наставната програма исто така овозможува совладување на маркетингот на мода, техниките за графичка презентација и совладување на јазикот на модната комуникација, знаења и вештини што се од голема помош на идните млади дизајнери. Изучувањето на некои историски дисциплини (историја на костимите, историја на модата итн), им служат на студентите за проширување на визуелната култура, разбирање на еволуцијата на облеката и модните додатоци и нивната релација со сложените општествени контексти.
Република Северна Македонија со непроценливото мултикултурно наследство и богатата текстилна традиција, има добра основа за создавање на јака локална модна сцена, со поттик од стручното образование и текстилната индустрија./M.M.