Инспирирани од песочните дини, дизајнерите на Sanjay Puri Architects, од Мумбаи, Индија, создадоа регионален културен центар во Ноха, Раџастан, во форма на спирала.
Sanjay Puri Architects студиото направи концептуален објект со искосен, зелен покрив што наликува на спирала во кој се интегрирани двор, амфитеатар, библиотека и музеј.
Проектот на културниот центар во Ноха е наменет за сите возрасни групи и претставува потврда за тоа како добро осмислената архитектура може да создаде простори без големо влијание врз животната средина. Главните функции на комплексот се затворени под „спирала“ од 9.000 квадратни метри и околните тревни насипи, кои создаваат мрежа од кружни патеки со поглед на пустината.


Земајќи инспирација од традиционалните индиски дворови и песочни дини, изградениот простор ротира од нивото на земјата до висина од девет метри, создавајќи полузатворен надворешен амфитеатар и овозможувајќи покривот да биде достапен и како градина. Долниот раб на структурата содржи мал музеј и се спушта од врвот на зградата со овална форма, во која е сместена дигитална библиотека за локалните училишта.
Просторите за состаноци и настани се на влезот на центарот кој вклучува и кафуле, тоалети, паркинг и складиште.
Во соработка со локални занаетчии, зградата е изградена со армирано цементно-бетонска конструкција и обложена со малтер од песок и варовник.


Употребата на традиционални занаети и материјали, како и планирањето на отворен двор, заштитен од јужната страна, црпи идеи од наследството на регионот и го прави дизајнот соодветен на пустинската клима.
Библиотеката има триаголни решетки, со украсни обрасци дизајнирани да си играат со светлината и сенките во текот на денот. Внатрешните простори на центарот на заедницата добиваат природна светлина преку збир на „шупливи слотови“ кои се наредени околу градината на покривот.
Покрај создавањето смела визуелна изјава, спиралната форма на центарот и решетката на фасадата се дизајнирани да го намалат сончевото загревање на затворените области. Кровната градина и насипите покриени со трева на јужната страна, исто така, помагаат да се намали зголемувањето на топлината, како одговор на топлата пустинска клима. Системот за собирање и рециклирање на дождовница е исто така интегриран преку искосени покривни панели за да се зголеми одржливоста на зградата./М.М.

You may also like

Comments are closed.