Силвана Армани со тивко, но сигурно деби го продолжува патот на модната империја на Армани
Со првата колекција создадена под нејзино креативно раководство, претставена на Париската недела на висока мода за пролет/лето 2026 година, Силвана Армани отвори новата фаза на Giorgio Armani Privé, продолжувајќи го наследството на модната куќа по смртта на нејзиниот основач, Џорџо Армани.
Колекцијата, насловена како Jade, ја означува првата целосна авторска изјава на Силвана Армани на чело на Giorgio Armani Privé со која – поставувајќи јасна линија на континуитет, прави и суптилно поместување во естетскиот пристап на модната куќа.
Инспирацијата за Jade произлегува од каменот жад, како симбол на рамнотежа и хармонија, што и се рефлектира во палетата бои, како и во визуелниот карактер на облеката. Дизајнерката изјави дека присуството на нејзиниот чичко не било далеку од нејзините мисли додека создавала колекцијата и дека тој сигурно би додал нешто во нејзиното деби.

Наместо драматичен пресврт, колекцијата нуди воздржан авторитет и континуитет со претходните естетски кодови на Armani Privé. Флуидни се и женствени претставените силуети, комбинирани со машкото наследство во кроењето, со опуштени сакоа, широки панталони од органза и кадифе, со акцент на пропорција и движење, наместо крута конструкција. Забележливо е намаленото присуство на аксесоари, а отсуството на шешири, кои традиционално го означуваа стилот на Џорџо Армани, укажа на префинето поместување кон посовремена естетика.

Палетата на бои се базира на бледи нијанси инспирирани од жад, дополнети со нежни пудрести розови тонови, овозможувајќи во фокусот да бидат материјалот и кројот. Машките елементи се појавуваат како внимателен контрапункт на женственоста.
Намалениот број на модели, вкупно шеесет наместо вообичаените сто, дополнително ја нагласија фокусираноста и решителноста на новата креативна насока. Гламурот не отсуствуваше, но се појавуваше селективно и со емпатија. Тоалети со слоевита структура, украсени со микро-кристали, зрачеа со лесна светлина, додека скулптуралните корсети лебдеа над долгите здолништа составени од елипсовидни панели. Плетенините со светки беа носени со лежерност над палцо панталоните, бришејќи ја границата меѓу високата мода и секојдневното облекување.
Емоционалното јадро на ревијата дојде со завршниот изглед: венчаница дизајнирана од самиот Џорџо Армани за неговата последна Privé колекција, но досега никогаш прикажана. Со долги ракави, прилепен корсет и здолниште кое се отвора во нежна форма, украсена со кружни мотиви од светки, фустанот делуваше истовремено безвременски и длабоко актуелен. Неговото прикажување оваа сезона, во време кога венчалните силуети повторно заземаат значајно место во високата мода, беше прочитано како тивка почит, а не како носталгија.
Со ова деби, Силвана Армани успеа да воспостави рамнотежа меѓу почитта и решителноста. Колекцијата го слави наследството на модната куќа, но не му е заробеник. Наместо ризик и сензационализам, таа избра стабилност, јасност и воздржана елеганција во момент на транзиција. Како прв чекор, ова претставување постави промислена основа и јасно порача дека иднината на Armani Privé ќе се гради врз тивок авторитет што со децении ја дефинираше модната куќа. Линк до модната ревија: https://www.youtube.com/watch?v=MoJUVeaVchI
Фотографии: Giorgio Armani Privé

















