
Колекцијата Icarus не е само модна приказна – таа е лирска поема за слободата, храброста и фантазијата.
Во срцето на Париз, во култниот *Petit Palais*, модната куќа Schiaparelli ја претстави својата најнова Haute Couture колекција за сезоната пролет/лето 2025. Под креативното водство на американскиот дизајнер Даниел Роузбери (Daniel Roseberry), публиката беше сведок на ревија која ја слави раскошната историја на модата, споена со визионерски пристап кон современиот дизајн.
Колекцијата, насловена како Icarus, е инспирирана од митолошката приказна за летот и амбицијата, и симболично зборува за стремежот на модата да нè одведе подалеку од реалноста — кон слобода, преобразба и креативен подем. Наместо да подлегне на доминантниот тренд на минимализам, Schiaparelli ја избра спротивната патека: колекција што слави екстраваганција, архитектонска прецизност и исклучително занаетчиско мајсторство.
Централна форма на ревијата беше силуетата на песочен часовник — екстремно нагласена преку структурирани корсети, широки и нагласени рамена, како и драматични задни делови на сакоата инспирирани од кроевите на 19. век. Еден од најзапаметените моменти беше фустан изработен од транспарентна мрежа во боја на кожа, надополнет со бисерно-сив сатен и скулптурален шлеп, кој на уникатен начин го спои класичното со футуристичкото.
Палетата на бои — суптилни неутрали, пригушени зелени и топли шафрански тонови — потекнува од винтиџ ленти од 1920-тите и 1930-тите години. Овие носталгични мотиви, преку детално наслојување и превиткување на сатенот, беа инкорпорирани во дизајните, создавајќи сензација на временска безвременост.
Роузбери успеа да постигне извонреден баланс помеѓу прецизна кројачка геометрија и богата декоративност. Невидливите техники на конструкција и уметничкиот дух што произлегува од секој модел се потсетник на тоа што навистина значи haute couture – уметност, визија и совршенство. Модното шоу може да се проследи на следниот линк:
https://www.schiaparelli.com/en/haute-couture/haute-couture-spring-summer-2025-1/
Schiaparelli, како и секогаш, останува верен на своето наследство од Elsa Schiaparelli – авангардна уметница која соработувала со имиња како Дали и Кокто – но, под водство на Роузбери, куќата добива современ глас шро им се спротивставува на границите помеѓу уметноста и мода. Одтаму, „Икар“ е многу повеќе од модна приказна – колекцијата е лирска поема за слободата, храброста и фантазијата./M.M.