
Од 29 октомври до 5 ноември, Скопје ќе биде центар на модните случувања со ревии, изложби и дебати посветени на одржливите практики и одговорноста во модата.
Од 29 октомври до 5 ноември, Скопје повторно ќе стане моден центар на регионот со 31-то издание на Fashion Weekend Skopje powered by UNIBank – најзначајната модна платформа во земјата што веќе повеќе од една деценија ги поврзува дизајнот, индустријата и културата. Оваа сезона, под слоганот „Одржлива мода и креативна традиција – развој на иновативни практики во македонската модна сцена“, фестивалот ја отвора темата за модата како јазик на промените – општествени, културни и еколошки.
Со поддршка на Министерството за култура и туризам како проект од национален интерес и со UNIBank како генерален партнер, FWSK 31 ја нагласува улогата на модата како двигател на одржливи вредности, иновации и општествена одговорност.
Изданието започнува со низа едукативни активности и креативни работилници каде што одржливоста добива практично значење. Во Центарот за поправки „Ништо ново“ (АРНО), дизајнерката Ирина Тошева ќе ја предводи работилницата „Од стара облека до уникатен моден додаток“, а во Македонско Етно село, Изабела Соколовска од Еснаф Хендмејд ќе ги менторира младите дизајнери во проектот „Нишки од природата“, поддржан од Green Land Group.
Главниот дел, (од 31 октомври – 2 ноември) е во Diamond of Skopje, Carat Office и ќе биде посветен на иновациите, одржливоста и на општествената визија на модата. Во рамките на европскиот проект MISSION4WATER ќе се одржат панел-дискусии за микропластиката, новите технологии и зелената иднина на индустријата. Ќе биде претставен и проектот „GREEN and SUSTAINABLE FASHION – The Nordic-Baltic Story“, организиран од нордиските амбасади на Западен Балкан.
Особено внимание ќе привлече проектот „Социјална одржливост и овластување преку дизајн“ на Ирина Тошева, создаден во соработка со женскиот затвор КПУ „Идризово“. Фестивалот ќе продолжи со ревија на „The Bodyright – Own Your Body Online“, глобална иницијатива поддржана од UNFPA и Амбасадата на Шпанија, која го истакнува правото на автономија и почитување на телото во дигиталниот простор.
Во модната програма ќе настапат и реномирани имиња како Мирјана Јосифоска, Марија Пољакова, Miss Mila и GEORGIYA, а своите колекции ќе ги претстават и студентите од Академијата за моден дизајн СКАЛА и Институтот „Изет Цури“. Викендот ќе го заокружат настапите на Дешира Кахримани, A2 Atelier и Minnimal, додека UNIBank ќе биде домаќин на ексклузивен прием со промоција на својата world debit премиум картичка.
Завршницата на FWSK 31 ќе ја обележи проектот „Fashion & Craftsmanship“ – изложба и модна аукција што ја поврзува традицијата со современоста, во соработка со КОНЕКТ и под покровителство на Амбасадата на Франција. На аукцијата ќе учествуваат водечките македонски дизајнери, а средствата ќе бидат наменети за фондот на КОНЕКТ, за поддршка на граѓански организации што работат на достоинствена работа, образование и инклузија.
Со ова, 31-во издание, Fashion Weekend Skopje ја потврдува својата позиција на модна авангарда во регионот – платформа што не е само календар на ревии, туку движење кое ја спојува економијата, естетиката, културата и хуманоста.