Годинава почна бурно за Christian Lacroix, француската модната куќа, позната по својата луксузна естетика и богатство на детали. Создадена во 1987-та година, од Lacroix и групацијата LVMH, а потоа и продадена на американската Falic, сега стана дел од шпанската групација STL, со со целосното преземање и благослов на основачот, дизајнерот Christian Lacroix.
Аквизицијата се смета како природно вклопување, при што STL, инаку сопственик и на лиценцата на CH Carolina Herrera, има целосно разбирање за филозофијата на брендот, како и за креативноста на основачот и дизајнер, Christian Lacroix. Потегот доаѓа како нова можност за брендот кој во 1980-тите беше олицетворение на високата мода.
Имено, францускиот креатор Christian Lacroix е познат по своите живописни и раскошни дизајни, кои вешто ги инкорпорираат занаетчиските техники како вез, мониста или реси. Неговите креации се познати по употреба на смели бои, сложени дезени и богати материјали, што ги прави олицетворение на високата мода. Наследството на брендот вклучува не само револуционерни модни колекции, туку и значителен придонес во дизајнот на костими.
Со оваа аквизиција, брендот Christian Lacroix е подготвен да се бори и да го врати своето место во светот на високата мода. Оваа 2025 година би можела да биде и година кога модната куќа се издигнува и повторно се потврдува како симбол на француската елеганција, изработка и креативна брилијантност./М.М.

You may also like

Comments are closed.