Uncategorized

Balenciaga со нова креативна директорка и стари проблеми

Мартина Роуз е првата жена која доаѓа на чело на Balenciaga во нејзината 109-годишна историја. Од неа се очекува да ги обнови угледот и продажбата на брендот, кој се соочува со сериозни финансиски предизвици.

Британската дизајнерка Мартина Роуз е именувана за нова креативна директорка на Balenciaga, а функцијата официјално ја презема на 16 ноември 2026 година. Нејзината задача не е само да создава нови колекции, туку и да ја врати привлечноста на модната куќа, да го обнови угледот и довербата на купувачите.

Роуз веќе има искуство со брендот: од 2015 до 2018 година работела како консултантка за машката мода во Balenciaga. Таа го наследува италијанскиот дизајнер Пјерпаоло Пичоли, кој заминува по само 16 месеци. Поранешниот креативен директор на Valentino требаше да донесе поинаков правец, со поголем акцент на класичната елеганција, високата мода и занаетчиската изработка, повикувајќи се на наследството на основачот Кристобал Баленсија.

Толку брзите промени во креативното раководство се невообичаени за големите модни куќи, на чии дизајнери обично им се потребни неколку години за да ја воспостават својата визија и да ги покажат деловните ефекти од новите колекции.

Но,од групацијата Kering, чиј дел се, како да немаа време за чекање. Притисокот врз Balenciaga доаѓа и од деловното опкружување. Имено, Kering се соочува со пад на приходите, намалена профитабилност и висока задолженост. Во 2025 година приходите изнесувале 14,6 милијарди евра, 13 проценти помалку од претходната година, додека нето-долгот достигнал околу осум милијарди евра, а нето-добивката се намалила за цели 94 проценти.

Проблемите се забележуваат и кај Gucci, најголемата модна куќа во портфолиото на Kering. Неговите приходи во 2025 година се намалиле за 22 проценти, а во третиот квартал од 2026 година продажбата повторно забележала пад од шест проценти на споредлива основа. Интересно е што Демна, по заминувањето од Balenciaga, го презеде Gucci во јули 2025 година, предизвикувајќи поделени реакции во модната индустрија.

Дополнителен товар за Balenciaga е контроверзната кампања од 2022 година, кога брендот се најде на удар на остри критики поради рекламна кампања со деца, BDSM-естетика и документите поврзани со детска порнографија. Креативниот директор Демна тогаш јавно се извини, признавајќи дека станувало збор за погрешен креативен избор.

Извинувања како да не значеа исчезнување на последиците. Од тогаш Balenciaga е постојано во загуби, од година во година. Кај луксузните брендови угледот е дел од производот и цената, па нарушената доверба не може да се обнови само со нова колекција или рекламна кампања. Во време на зголемено внимание кон заштитата на децата , одговорноста на модните куќи добива дополнителна тежина.

Притоа, треба да се има предвид дека Balenciaga не објавува посебни финансиски извештаи. Нејзините резултати се вклучени во категоријата „други модни куќи“ на Kering, па финансиските тешкотии на групацијата се наведени само групно.

Именувањето на Мартина Роуз е дел од обидите на новото раководство на Kering да ја врати Balenciaga на патот на растот. По десетгодишната ера на Демна и краткиот мандат на Пичоли, пред неа стои сложена задача: да ја зачува авангардната природа на модната куќа, но и да создаде колекции што повторно ќе ја освојат довербата на публиката и купувачите.
Фото: Instagram, Fashionbiznes

You may also like

Comments are closed.