Во соработка со Stella McCartney Adidas претстави тренерки направени од вискоза со цел да го демонстрираат потенцијалот на кружниот екосистем во модната индустрија. Тренерките се направени како дел од New Cotton Project, со конзорциум на ЕУ со 12 партнери и се однесува на создавање на кружен процес на изработка на облека, наместо досегашниот линеарен модел.
Согласно проектот, дизајнот е поврзан со стилот и со функцијата, за да се обезбеди кружен процес на облеката по користењето, како што се наведува во соопштението на Adidas.
Тренерките се и дел од пилот-програмата на Adidas, наречена „Made to Be Remade“, според која тренерките по користењето можат да се вратат кај производителот по скенирање на QR-кодот за повторно да влезат во иновативен процес на производство.
Од Adidas наведуваат и дека во моментов, нешто помалку од еден процент од целиот текстил во светот се рециклира во нов текстил. Конзорциумот, кој вклучува партнери како Франкенхуис, собра и сортира искористен текстил за со пионерската технологија Infinited Fiber да се врати во производство на нова облека.
За соработката со Stella McCartney од Adidas се истакнува дека „повеќе од кога било се поставуваат предизвици за да се најдат нови решенија за да го испорачаме потенцијалот за кружна мода. Затоа е и возбудливо да се соработува со истомисленици, кои ќе помогнат не само нас, туку и текстилната индустрија да измисли, да иновира и свесно да создава„.
Родово неутралните Adidas by Stella McCartney тренерки се направени од 60 проценти вискоза и 40 проценти органски памук, во неутрално сива палета на бои со црни детали. Ќе бидат достапени од шести октомври, преку Adidas апликацијата./М.М.