МСУ и АД Европа – Скопје во заедничка мисија
Во пресрет на Новогодишните празници, Музејот на современата уметност – Скопје и фабриката за чоколади – АД Европа Скопје имаат заедничка мисија да ги инспирираат и задоволат сите трагачи по убавото.
Од денеска, 21 декември во сите поголеми маркети низ земјава, во најновото премиум чоколадо „1882“ произведено во фабриката со најдолга традиција на Балканот и со потврден квалитет од 1882 година – АД Европа Скопје, скриени се 100 „Златни влезници“.
Само 100 среќни добитници, кои ќе ја пронајдат „Златната влезница“ во чоколадото „1882“ ќе имаат бесплатен влез за сите претстојни изложби во Музејот на современата уметност – Скопје, во текот на цела 2021 година.
Соработката меѓу АД Европа Скопје – фабрика за задоволства & МСУ – уживање на уметноста има за цел да ги задоволи вкусовите на вистинските сладокусци на убавото.
Во чоколадниот свет на уметноста, од една страна, АД Европа Скопје – создава слатки спомени, и од друга страна, Музејот на современата уметност го обучува погледот на публиката во восприемањето на уметноста.
Годинава, која полека се заокружува, е и година во која Музејот на современата уметност Скопје го одбележа својот 50 годишен јубилеј од постоењето на објектот. И покрај пандемијата, МСУ преку атрактивни меѓународни и домашни поставки, онлајн предавања на исклучителни професори од светски респектибилни универзитети, интерактивни видеа, едукативни програми за ученици и студенти, филмски онлајн програми… му даде значење на својот јубилеј.
Пред 50 години, по катастрофалниот земјотрес во 1963та година, беше изграден објектот на МСУ како донација на полската влада во знак на солидарност, а светски познатите уметници како Пикасо, Калдер, Хартунг, Сулаж, Масон, Вазарели, Бури, Кристо, Хокни, Џонс… донираа свои дела, кои и денес се најголемото богатство во колекцијата на музејот.
Лоциран на највисоката точка од центарот на градот, чија убавина се гледа од сите страни на Скопје, МСУ, денес, не е само потсетник на светската солидарност, туку простор, кој успеа да мобилизира различни генерации, познавачи на уметноста и убавото.
За АД Европа Скопје доволно е да се каже дека успешно функционира на пазарот од 1882 година. Веќе 138 години, оваа компанија е столб во понудата на широка лепеза вкусови на чоколадо, следејќи ги трендовите и иновативноста со цел да ги задоволи своите ценети потрошувачи.
Своите почетоци во 1882 година ги прави како занаетчиска работилница за производство на бонбони и локум. За разлика оттогаш, денес, АД Европа Скопје е модернизирана фабрика за чоколади, вафли и бонбони, која може да се пофали со своите достигнувања, а за непогрешливиот квалитет на производите доволно говорат сертификатите за исполнување на потребните стандарди, како и производство од околу 5.000 тони годишно и продажба на странскиот и на домашниот пазар.
Среќните добитници на „Златната влезница“ добиваат пакет задоволства – „две во едно“, чоколадно задоволство и уживање на убавото во уметноста.
За содржината на оригиналните текстови и соопштенијата одговорни се нарачателите.