Црната боја, блесокот на црвената и розите се во центарот на пред есенската колекцијата на Blumarine, во која креативниот директор Дејвид Кома ја истражува темната романтика на Венеција. Тулот, чипката и структурираните материјали создаваат драматична гардероба инспирирана од атмосферата и раскошот на градот на маските.
Розата, еден од препознатливите мотиви на Blumarine, во оваа колекција добива поостар и посмел изглед. Таа се појавува како тродимензионална розета, како украс на минифустани и како мотив на проѕирни парчиња, често во комбинација со црната и огненоцрвените акценти.
Кома инспирацијата ја поврзува со визуелното наследство на модната куќа, особено со фотографската кампања од 1992 година, која Алберт Вотсон ја снимил во Венеција, како и со соработките на Blumarine со Хелмут Њутн.
Силуетите се нагласено женствени и скулптурални, со корсети, структуриран струк и минифустани, додека чипката, свилата и тулот ја засилуваат сензуалната страна на колекцијата. Палетата, покрај црната и црвената, вклучува лаванда и бледосина, нијанси инспирирани од раскошот на венецијанските костими.
Така, розата во пред есенската колекција на Blumarine не е само романтичен цветен украс, туку станува дел од драматичната визија на Дејвид Кома за Венеција – темна, сензуална и театрална./M.M.
Фото: Blumarine





