ВестиКултура на живеење

Тара ја оживеа „Прва љубов“ – песната на неговиот татко доби современо музичко руво

Повеќе од 50 години по првата изведба на Скопскиот фестивал, Александар Тарабунов ѝ даде нов живот на песната што во 1973 година ја отпеа неговиот татко Ванчо Тарабунов.
Пејачот Александар Тарабунов – Тара ја претстави својата нова музичка преработка на легендарната песна „Прва љубов“, композиција што има посебно место во историјата на македонската музика и во неговото семејство. Станува збор за песна што првпат беше изведена во 1973 година, на фестивалот „Скопје“ од неговиот татко, Ванчо Тарабунов.
Идејата за новата верзија се родила сосема спонтано, додека Тара ги преслушувал старите музички записи од својот татко. Веднаш почувствувал дека „Прва љубов“ заслужува повторно да допре до публиката и да биде откриена и од помладите генерации.
„Кога ја открив песната меѓу старите снимки на татко ми, веднаш почувствував дека има нешто безвременско во неа. Тоа е една позитивна песна, исполнета со убавина и топлина, и посакав повторно да ја оживеам“, вели Тара.
Најемотивниот момент, како што открива, бил реакцијата на неговиот татко, кој не успеал да ги сокрие солзите кога ја слушнал новата верзија.
Новата „Прва љубов“ беше објавена симболично на денот кога Скопје ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес во 1963 година, како музичка посвета на градот и на спомените што ги поврзуваат генерациите.
Видеоспотот, во режија на Зоран Стојановски – Зонде, преку архивски снимки од старо Скопје и кадри од современиот град создава емотивна приказна за минатото и сегашноста. Дел од сцените се снимени на препознатливи скопски локации кои со децении се симбол на градот.
Автори на оригиналната песна се легендарниот Драган Ѓаконовски – Шпато, кој ја потпишува музиката и аранжманот, и Благоја Стефановски, автор на текстот. Новата преработка ја реализираа Тара и Роберт Билбилов, придружните вокали ги отпеа Тамара Тодевска, а режијата на видеото ја потпишува Зонде.
Со оваа преработка, Тара не само што му оддава почит на музичкото наследство на својот татко, туку уште еднаш потврдува дека вистинските музички вредности не стареат – тие само чекаат повторно да бидат откриени.
„Прва љубов“може да се преслуша на следниот линк: https://www.youtube.com/watch?v=xFHL7EZSjms

More in:Вести

You may also like

Comments are closed.