Тридимензионални материјали во светот на haute couture, во колекцијата што донесе спој на американската креативност и на француската занаетчиска традиција.
Модната куќа Schiaparelli уште еднаш ја потврди својата репутација на еден од најиновативните брендови на Париската недела на високата мода, каде креативниот директор Daniel Roseberry ја претстави новата haute couture колекција што ги поместува границите меѓу модата, уметноста и технологијата.
Претставена во величествениот Petit Palais, колекцијата беше инспирирана од митските морски суштества и од култниот уметнички проект „The Cremaster Cycle“ на американскиот визуелен уметник Метју Барни.
Резултатот беше серија фантастични креации кои изгледаа како да пристигнале од некој друг свет, исполнети со органски форми, светлосни ефекти и необични текстури што потсетуваат на биолуминисцентниот живот во океанските длабочини. Ревијата може да се проследи на следниот линк.
Најголемото изненадување беше изборот на материјали. За првпат во својата couture колекција, Daniel Roseberry користеше силикон, латекс и специјално обработени слоеви боја кои биле печении и моделирани во облека. Дизајнерот откри дека соработувал со француско студио специјализирано за изработка на хиперреалистични силиконски бебиња за потребите на филмската индустрија, а токму технологијата што ја користат нивните експерти била трансформирана во нов текстилен материјал за колекцијата.
„Овие силиконски листови ни овозможија целосно да ги преиспитаме основите на конструкцијата и изработката на haute couture“, објасни Daniel Roseberry по ревијата за CFDA, американската дизајнерска асцијација.
Дизајнерот истакна дека процесот на создавање бил истовремено возбудлив и емотивно сложен, бидејќи барал постојано напуштање на познатите креативни модели и истражување на непознат терен. Дел од сет може да се види и на страниците на брендот на FB и на Instagram.
Звучната подлога, која вклучуваше нарација на самиот Daniel Roseberry и референци на филмот „The Matrix“, дополнително ја нагласи атмосферата на футуризам и експерименталност.
По ревијата, Schiaparelli организираше прием, каде креациите беа изложени на манекени за посетителите одблизу да ја согледаат сложеноста на нивната изработка.
Американската CFDA (Council of Fashion Designers of America), во текстот за ревијата нагласува дека Daniel Roseberry уште еднаш успеал да ја претвори американската креативна смелост во совршен спој со француската couture традиција, оценувајќи ја колекцијата како пример за современа модна иновација./М.М.
Фото: Schiaparelli



















