„Pickle Puffer“ – проѕирен моден експеримент и дел од кампањата за новото мени со вкус на кисели краставички
Необичен маркетиншки потег што ја брише граници меѓу мода, храна и дигитална култура доаѓа од синџирот за брза храна KFC, кој претстави јакна исполнета со корнишони и сок од кисели краставички – производ што веќе го привлекува вниманието на јавноста поради својата ексцентричност.
Станува збор за таканаречен „Pickle Puffer“ – проѕирна јакна исполнета со вистински парчиња корнишони и зеленикава течност, што визуелно ја нагласува нејзината необична содржина. Дизајнот е заокружен со патент со привезок во форма на краставичка и препознатливото лого на брендот, но највпечатлив е додадениот пластичен цревест механизам, кој овозможува носителот да пие сок од кисели краставички директно од јакната.
Како што изјавија од KFC за Велика Британија и Ирска, „ова е малку откачено, но токму тоа е поентата – и само KFC би создал „нослива и пијлива посвета на опсесијата на фановите со кисели краставички“.
Јакната е изработена како уникатен примерок и ќе биде доделена преку социјалните мрежи, а инспирацијата за неа, според компанијата, доаѓа од вирално видео генерирано со вештачка интелигенција, во кое човек нуди корнишони од слична јакна. Иако видеото не бележи масовна популарност, идејата брзо била препознаена како потенцијал за реална маркетиншка акција.
Овој необичен моден експеримент е дел од поширока кампања за промоција на ново мени со производи инспирирани од кисели краставички, што KFC го лансира на британскиот пазар. Меѓу нив се издвојуваат помфрит со додаток од кисели краставички и дури пијалак со нивен вкус.
Со „Pickle Puffer“, KFC се приклучува кон растечкиот тренд на брендови што користат лимитирани, провокативни модни парчиња како маркетиншки алатки. Слични примери се забележани и кај Aldi и Lidl, кои претходно привлекоа внимание со свои необични модни интерпретации инспирирани од храна и секојдневни објекти.
Во време кога границите меѓу индустриите сè повеќе се бришат, ваквите кампањи потврдуваат дека вниманието на публиката денес се освојува преку изненадување, хумор и смела креативност.




















